Romantasy, или зошто жените не мораат да гледаат порно

Можат да го читаат во соба полна луѓе, или да го слушаат во градски превоз и нема ни да знаете.

Книжевниот свет и јавноста се со поделени мислења - едните корнат коси околу пропаста на литературата и како се продаваат милиони еротски фантастики додека Достоевски фаќа прашина, а другите лежат завалени во фотелја со кафе и голтаат нови и нови сцени каде што ситно (но полнолетно!) девојче е принудено да јава на змеј за кој не е спремна и се ложи на малце постар дечко-самовила за чија величина исто така никако не е спремна, ама ќе се снајде затоа што има плави очи (и понатаму знае и да ѝ каже дека „има да го запали светот ако некој се осмели да ја погледне попреку“).

Исто така, знаете ли зошто се сè попопуларни негативците за книжевен дечко, наместо хероите?

Па, затоа што херојот е спремен да те жртвува тебе за да го спаси светот, такви се хероите.

Негативецот (или, морално проблематичниот, но атрактивен антагонист со релативно оправдани мотиви) ќе го жртвува светот за да те спаси тебе.

Кај им текна! Ова е сè мудрост од БукТок, ненормално голема и брзорастечка заедница на ТикТок на која се потпираат и милионски суми од издавачката индустрија. Од кај нив излегуваат трендовите, предлозите, бескрајните содржини поврзани со овој жанр, што може да опфаќа од блага еротика, до проблематични, табу теми од кои и најспремните фетишисти ќе се фатат за бисерите. Заради нив, сега во книжарниците и библиотеките, освен досега познатите жанрови, има полици со етикета BookTok. Значи, да речеме, класици, белетристика, стручна литература, детска, домашна, трилер, мистерија, романса, букток.

Патем, не е јавноста поделена точно на два ума, има и трет - тие што ведро ја набљудуваат целата оваа литературна битка. И потресените што мавтаат со „Ана Каренина“, а всушност со задоволство би мавтале со нивните обиди за дела, ама нема смисла. И новопечените „и јас знам да пишувам“ што со еден напишан параграф ја вреѓаат секоја секунда вложена во врвна книжевност. И тие што знаат да пишуваат, ама ете, јбг, бираат да пишуваат за змејови и секси самовили. И тие што читаат перформативно во воз во надеж дека ќе фатат женска или бар ќе ги стават на Инстаграм, и тие што читаат во воз и отсекогаш читале во воз, и не знаат како се нашле на нечиј Инстаграм каде што се дискутираат читачките навики на населението. На крај, и тие што се во право и што се обидуваат стварно да ја спасат добрата литература, ама нив ако ги прашате кај е проблемот, нема веднаш на dragon porn да им текне - насекирано ќе споделат дека литературата пропаѓа повеќе од шитнатост за социјално релевантни трендови отколку поради секс-сцени со врата.

Не знаевте дека постои еротика со врата?

Постои. Просто, како доказ дека суб-културата е стигната до тој степен во развојот кога почнува да прави сериозни пародии на самата себе.

Телеграф објави колумна во која разочараната авторка ќе каже дека од многу читање вакви работи, младите жени ќе создадат нереалистични очекувања, па нема баш така лесно да влегуваат во врски со стрејт мажи.

Ова наспроти читањето за реалистични, здрави врски како во „Џејн Ер“ или „Оркански височини“, веќе спомнатата „Ана Каренина“, или од попозитивните, „Мајсторот и Маргарита“, или можеби врвно здравите мудрости за машко-женските односи во „Кројцерова соната“, или недајбоже „Отец Сергиј“ или уште понедајбоже - „Лолита“?

Патем, списочево фино е да се сфати и како препораки за читање - овие наслови секогаш бескрајно повеќе ќе вредат од приказна за секси врколак со кој си принудена да делиш кревет, или напатен вампир што крши врат на некој што се осмелил да те закача, или  векови-стар гаргојл со крила, што не може да се воздржи, а да не те допре (постои, не е една!).

Ама сепак. Може ли да дозволиме да постојат во исто време?

Може дури и да се осмелиме да поверуваме дека постојат луѓе што ги читаат и едните и другите?

И да се намали со доживљај?

Затоа што ни фали една доза несфаќање себеси пресериозно - едните да разберат дека не држат богови за муда затоа што не се симнале подоле од Хемингвеј, а другите да разберат дека држење (шумски) богови за муда не е тешка и бескрајно вредна литература?

Така ако гледаш, во сите сфери фали едно несфаќање себеси пресериозно.

А сепак - какво било читање е подобро од нечитање.

Но, да се вратиме на почетокот. Жените не мораат да гледаат порно. Можат да го читаат и да го слушаат на полн плоштад, нема да им се познава, и никогаш нема да ги дознаете.

И можете само да им љубоморите.

-Ј.

3 ноември 2026 - 11:16