Ризикот од деменција се зголемува ако сте најактивни попладне

Ново истражување објавено во медицинското списание Neurology укажува на значајна поврзаност меѓу биоритамот и ризикот од развој на деменција, со посебен фокус на тоа кога во текот на денот телото ја достигнува својата „врвна активност“.

Се анализирале податоци од повеќе од 2000 испитаници, собрани преку уреди за следење на срцевиот ритам и дневната активност. Во текот на следењето, на 176 лица им била дијагностицирана деменција - состојба што се карактеризира со постепено опаѓање на меморијата, јазичните способности, расудувањето и решавањето проблеми.

Клучниот наод на студијата е дека луѓето чија активност достигнува врв подоцна во текот на денот имаат значително повисок ризик. Поточно, испитаниците чија највисока активност се јавувала по 14:15 часот имале за 45% поголема веројатност да развијат деменција, во споредба со оние кај кои врвот на активност бил порано, меѓу 13:11 и 14:14 часот.

Истражувањето исто така покажало дека лицата со послаб и пофрагментиран деноноќен ритам имале речиси 2 ипол пати поголем ризик од деменција во споредба со оние со стабилен ритам. Деноноќниот ритам, кој го регулираат мозокот и изложеноста на светлина, не влијае само врз спиењето и будноста, туку и врз хормоните, телесната температура и варењето.

Според авторката на студијата, Венди Ванг, промените во деноноќниот ритам се дел од процесот на стареење, но сè повеќе докази укажуваат дека ваквите нарушувања можат да бидат ризик-фактор за невродегенеративни болести. Подоцнежниот пик на активност, според истражувачите, може да укажува на несогласување меѓу внатрешниот „биолошки часовник“ и надворешните сигнали, како што е темнината.

Таквите нарушувања можат да влијаат врз воспалителните процеси во телото, квалитетот на сонот и врз способноста на мозокот да ги отстранува амилоидните наслаги што се поврзуваат со деменција. Иако студијата не ги земала предвид постоечките нарушувања на спиењето, авторите сметаат дека резултатите се доволно значајни за понатамошни истражувања.

Во контекст на проекциите дека до 2060 година бројот на нови случаи на деменција би можел да достигне еден милион годишно, научниците повикуваат на испитување на потенцијални превентивни мерки, како светлосна терапија и промени во животниот стил, со цел подобро усогласување на деноноќниот ритам.

13 јануари 2026 - 12:49