„Кога се преселив во Лондон, утрото на мојот 18-ти роденден, со намера да станам млада, идиотска, а сепак (се надевав) благородна рок-критичарка, имав вреќа полна со алишта, лаптоп, куче и еден ужасен недостаток - освен тенденцијата косата нонстоп да ми биде во една глупа триаголна форма - не знаев ништо за машки. Ништо.
И во ова секако не бев сама. Нема правилници за мажи, да ти кажат кои се фини, а кои се опасни. Што е прифатливо однесување, а што не. Нема прирачници како да се биде расположена девојка која сака да има неверојатни секс-авантури со своите врсници, нешто што секако ми беше на список. Сексот, како што го сфаќав, изгледаше како одлично хоби, со малку до ич финансиски захтеви, без шанси да ме здебели и беше ефикасен начин да се запознаваат нови луѓе.
Така, мојата табула за мажи беше тотално раса. Познавањето за спротивниот пол ми беше од мјузиклите од ’50-ти што ги гледав и од конзумирање на литература од 19-ти век. Ако запознаев тројца весели морнари (On the Town, 1952) ќе бев во елемент. Ако паднев на строг, богат земјопоседник со заклучена жена, знаев што ќе правам. Ќе чекав да се запали, да го ослепи него и тогаш ќе се венчавме.
Сепак, во Лондон во 1993-та немаше ни разиграни морнари ни емотивно недостапни земјопоседници. Ако имаше, тогаш нивните социјални животи не се вклопија со мојот. Мојот живот беше свирки, купување ретки предмети од Битлс на Камден Маркет, афтери и состаноци со уредници. Исто и алкохол, помалку дрога отколку што ви се чини, рок и многу ограничено време за пишување.
И сите луѓе во мојата орбита беа мажи. Само мажи. Инди рокот во тоа време беше составен од мажи. Така што, сексизам имаше веднаш. Истиот ден кога се појавив, таму беше. И во ред беше. Сексизмот беше… полесниот дел.
„Ела седни ми во скут. Да се договориме,” ми рече еднаш еден уредник кога прашав дали може да пишувам сторија за насловна. Си го потапша коленото, искушувачки. За момент, се почувствував речиси… горда. Дома во Вулверхамптон - како дебела, хипи девојка со големи очила - главната интеракција со младите ергени ми беше кога, откако ќе ми ја видеа „Женскиот евнух” во ташна, ме бркаа преку пустелија, ме гаѓаа со земја и ми викаа, „Дебела лезбејко!”
А сега, во Лондон, кај мене на работа бев сексуално објективизирана! По било кои параметри, сум се подобрила: од „одметник што нејќеш да го пипнеш” до „помлад вработен што инспирира перверзии.” Браво за мене!
Дојдов до него, го гледав во очи и му ги тупнав сите мои 90 кила на коленото.
Сексуалната игра не беше каква што очекуваше. Почнав да му скокам горе-долу, силно. Го згмечив.
„Еј, дечки,” викнав кон останатите во канцеларијата. „Ова е забавно! Сака уште некој да се придружи? Гледам сите седите на столчиња, но позабавно е на колено! Не треба ова да биде само за женски! И вие дечки треба да седнете! Закон е!”
„Добро, Андреа Дворкин, те разбравме,” рече уредникот. Станав и се поклонив. Ми ја даде сторијата.
Со ваков изведбен, јавен сексизам знаев како: ќе ги третираш мажите како што би третирала помал брат. Го срамиш пред колегите. Лекот за отворен јавен секзизам беше отворено јавно засрамување.
Она што ми беше тешко беа е љубовта и страста. Или тоа што се тврдеше дека е љубов и страст. Љубов! Не ни знам колку мажи изразиле желба за мене (лажам, четворица од 1993 до 1995) - само за да откријам дека, откако ќе се соблечев, желбата им беше само да бидат непријатни со жена на скришно место.
Имаше еден новинар со кој што излегував, што ме праша дали би ја викнала мојата 14-годишна сестра што спиеше на каучот - на тројка во спална; имаше уште еден новинар што ме праша „сакаш ли да експериментираш?” и кога реков „да”, ми изгаси цигара од рака. Имав и дечко што сакаше да ми ја скрши вратата од спална кога одбив да имам секс со него - се дереше НЕ СМЕЕШ ДА МИ ГО ПРАВИШ ОВА! на цел глас - и продолжи да вика и да клоца дури и откако се појави полиција. Им рече, „океј е, девојка ми е.” Тие ме погледнаа. Јас потврдив затоа што беше точно. Тие си отидоа.
Ова се работи што мораат да се случат, си мислев, ако си млада жена што изразува интерес за секс или врски со луѓе кои ги видела десетина пати на забави, кои се пријатели на пријатели, со кои излегуваш. Спалната е место каде што мажот ја трга својата цивилизираност и шарм, престанува да се шегува за облека, престанува да разговара за ТВ серии - и станува страшен. И не можеш да се извадиш со шегување. А кога ќе излезеш од таа спална и ќе споделиш со други мажи што се случило таму, те гледаат од глава до пети и велат, „изненаден сум што си дозволила - изгледаш опасно,” или „сигурен сум дека добро си прошла,” или, најужасното, од еден човек со кој работев три години: како некоја завеса да му се спушти преку очи пред да изјави: „Веројатно си заслужила.”
Градот, си мислев, е како корален гребен. Во плиткото беше светкаво и забавно - весели дечки пливкаат наоколу исто како мене: си бркаат работа, уживаат во дружење со девојки. Имаше многу добри дечки. Тоа морам да го разјаснам. Повеќето мажи беа добри и со таков и се омажив две години подоцна. До толку беше прекрасен, и уживавме во нашите модерни, насмеани и сексуални проводи многу.
Но на работ од гребенот, каде што стануваше подлабоко и поладно, имаше помрачни суштества, со очи што не трепкаат и навики зрели за набљудување. Ги има во секој град во светот. Харизматични, лути мажи од разни канцеларии и журки, кои чекаат бистри, млади жени, сами и нови во градот. Ги покажуваат сите знаци на човечки интерес - задеваат со прашања, ласкаат, па флертувањето го зачинуваат со навреди, за да имаш чувство дека имаш работа со предизвик. Како некој што го гледа твојот огромен, младешки потенцијал и сака да си игра со тебе. Како некој што, заинтригиран од тебе, како една неверојатна личност - те спасува од анонимноста на собата:
„Мислев дека ќе бидеш многу иритантна, ама не си. Некако си… Фасцинантна.”
„Сигурно другите ти викаат дека си ту мач, а? Јас сакам такви жени.”
„Повеќето луѓе ми се досадни. Ти не.”
„Не се однесуваш како другите дебели девојки.”
„Сите други се досадни. Да одиме на друго место?”
Завршуваш во неговиот стан, или тогаш, или следниот пат кога ќе го видиш. Зошто? Затоа што се надеваш и сакаш да те има надвор, во свет, со авантури. Зошто инаку? Кога интригантен човек покажува интерес за тебе, мораш да се надеваш на најдоброто. Имаш толку малку за споредување.
Секоја жена што ја познавам имала ваков маж; како патарина се, што мораш да ја поминеш за да пораснеш. Класичниот лош маж е како еден ритуал при инаугурација. А не треба да е така - женскиот свет не станува подобар кога учи да преживее вакви работи - но така е.
И она што го забележав е следното: Има мажи што едноставно сакаат да видат непријатност и страв кај една жена. Како да се дрогираат со тоа. Го шмркаат како кокаин. Зависност им е: да се плашат жени од нив. И ќе го поминат целиот живот правејќи го тоа. Познавате вакви луѓе? Сигурна сум.
Кога се забавував со еден славен, преубав, ужасен музичар почнав да забележувам други видови на лондонскиот корален гребен: жени. Овие жени имаа послаби работни места и помалку пари и моќ од мажите, но секако се обидуваа да си направат пат.
Ми приоѓаа на забави додека стоев до мојот музичар, тажна и измалтретирана кога тој ќе ме оставеше за да оди до шанк.
„Како оди?” ќе кажеа, со значаен поглед. Или: „Дали е… нормално?” со многу, многу значење.
Беше 1994-та - пред Фејсбук и Твитер - но имаше еден вид интернет: мрежа од жени. Понекогаш требаше само да се спомне нечие име, за некоја жена да те фати за рака, да те погледне во очи и да ти рече, „Леле, и мене исто.” Имав една пријателка што кога ќе го видеше тој истиот музичар по забави, со уште една нова, млада жена (девојките секогаш му беа на иста возраст, додека тој старееше), ќе истрчаше преку цела соба, ќе го одвлечкаше новиот трофеј во некој ќош и ќе и кажеше, „Тоа е еден од најлошите мажи во Лондон. Ја има измалтретирано секоја жена што била со него. Мораш да го оставиш.”
Така постепено научивме да ги избегнуваме лошите мажи, несреќните мажи, мажите кои само чекаа да направат проблем. Сега на 30 и 40, овие мажи се нашите воени приказни; нешто што си го раскажуваме кога сме заедно, чудејќи се колку сме биле невини тогаш. Колку неподготвени. Колку не сме знаеле да се одбраниме. Колку многу не сме знаеле.
Сега знаеме многу повеќе - во 2018-та имаме Твитер и Фејсбук. Жените не чекаат да видат некоја на забава со лош маж. Блогираат и влогираат и ги раскажуваат нивните приказни на илјадници, на милиони. Конечно зборуваме за нешто што претходно беше заробено во брзински муабети во тоалети, или на ручек со другарки.
Секогаш кога ќе излезе нова приказна, се почнува дискусија. И во целиот тој хаос на ужасни статии - во ова ново утро на зборување за машките и женските врски - од огромна важност е да не правиме грешки во категории. #MeToo како кампања, како знаме под кое се маршира ни дава моќен апарат да ја отвориме темата за тоа како мажите третираат жени. Сепак, #MeToo е за нелегални чинови, криминални или сексуално-дискриминаторски, пропишани со закон. За силување, напад, силеџиство и злоуптреба на моќ на работно место.
Но, поплавата од приказни што дојде по #MeToo, како на пример виралниот расказ Cat Person, целото искуство на Азиз Ансари со „Грејс” - тоа е друго. Тука нема клоцање врати, нема гасење цигари од раце. Тоа е друг вид на лошо искуство: непобарано плескање, непријатност, ебење во здрав мозок, отсуство на радост во некоја средба. Тоа се жени кои се согласиле да одат дома со мажи, кои од некултура, сексуални преференци, или недостаток на сексуално знаење, го закиселуваат искуството и прават жените да сакаат да избегаат. Тука се работи за мажи кои прават грешки затоа што ни за жени нема прирачник.
Оваа категорија на лоши сексуални искуства се сведува на фактот дека, во овој момент во историјата, и на мажите табулата за жени им е раса. Секој проблем што сум го имала како тинејџерка го имаат и некриминалните мажи. Нема прирачници како да бидеш маж што сака да има сексуални авантури со врснички. Нема темплејти за тоа како да и пријдеш на некоја жена на весел начин, да откриеш какви сексуални ствари сака, да добиеш фидбек додека се тркалате голи и да учиш од нејзе без да се чувствуваш ужасно загрозено.
Додека моето знаење за мажи доаѓаше од мјузикли и литература од 19-ти век, мажите учеа од порнографија и бестселери напишани од сељаци. Мажите функционираат под претпоставка дека треба или да изгледаат како Берт Рејнолдс, или психолошки да манипулираат со жените за тие да направат нешто што инаку не би го направиле, затоа што сексот е сè уште, некако, натпревар, наместо соработка меѓу двајца кои уживаат еден во друг.
Секако дека постојат мажи кои откриваат начин да се биде со жена кој потоа не ги инспирира нивните поранешни сексуални партнерки да формираат цело социополитичко движење кое сведочи за нивната одвратност, но јас искрено се прашувам како успеваат во тоа. Со оглед на тоа колку им се проблематични нивните сексуални идоли, мажите како да мораат сексот одново да го измислат. Нема мажи што искрено блогираат за секс. Женските списанија се преполни со совети и финти за секс; мажите ги информираат како да купуваат саати и одела. Мажите не можат да седнат во кафич и да се кикотат и да муабетат за механиката на сексот - мора да има легендарни рибарски приказни или ништо не правиме. Нема машко движење кое конструктивно ги анализира политиките на сексот за сечија придобивка, туку само активисти за машки права кои разбеснето викаат против жените. Холивуд порадо би прикажал разнесување планети, наместо класичен бакнеж. Каде може мажот да постави искрено, отворено, исплашено прашање за секс?
Не сме направиле простор за ова.
Лора Бејтс од Everyday Sexism project раскажува една ужасна случка со еден 16-годишен дечко што дошол дома уплакан кај мајка му. После некое време кажал зошто е толку потресен. Со девојка му пробале да имаат секс прв пат и во еден момент почнал да ја дави. Таа почнала да плаче и му рекла „те молам немој, не сакам така.” Почнал и тој да плаче, „не сакам ни јас така, гадно е! Мислев дека ти ќе сакаш! Така прават во порно!”
Ова е машко-женската сексуалност во 21-ви век. И покрај тоа што живееме во свет каде што има порно за сечиј интерес, стриптиз-клубови, 50 нијанси сиво, сексуално образование, контрацепција, избелување анус, секс-играчки, дизајнерски вагини, Вијагра и #MeToo; и покрај тоа што се зборуваат 6500 јазици на големиот и неограничен интернет; и покрај што сексот се случува цело време, насекаде, ние сè уште - сè уште! - не сме нашле начин да зборуваме за него искрено, отворено, информативно и без да ги оштетиме нашите млади. Изгледа не сме им кажале, во ниеден момент колку треба да биде прекрасно. Некако успеавме да го заебеме ова. Нашата табула е се уште раса.”
-Кејтлин Моран (новинарка, авторка и колумнистка за Тајмс)