Со овој историски закон, Белгија станува прва земја во свет што на сексуалните работници им овозможува да имаат формални договори за вработување, здравствено и пензиско осигурување, боледување, породилно отсуство и други права.
„Ова е светски преседан, бидејќи е во прашање прва сеопфатна законодавна рамка која на сексуалните работници им дава еднакви права и ги штити од ризиците што доаѓаат со нивната работа,“ рече Даан Баувенс, директор на белгискиот синдикат на сексуални работници.
Меѓу правата влегува и правото да одбијат да пружат услуга, а ќе се регулира и статусот на „работодавачите“, односно макроата кои ќе смеат легално да оперираат со своите бизниси само ако не се осудувани за сериозни казнени дела како силување и трговија со луѓе.
Самата сексуална работа во Белгија е декриминализирана уште во 2022, после протестите преку кои синдикатот бараше подршка од државата поради проблемите настанати за време на пандемијата.
Сега, една локална организација што помага на жени што се бават со проституција на улица, смета дека новиот закон е опасен затоа што „ја нормализира професијата која во својата суштина е насилна,“ и предупредува дека повеќето жени со кои се сретнале сакаат да излезат од проституцијата. Според нив, не се работи за „најстарата професија на светот“, туку за „најстарата експлоатација на светот.“
Законот, а и целата појава што води до него, со години наназад создава раскол меѓу феминист(к)ите. Доминантен пристап е радикалнофеминистичкиот кој се залага на криминализација само на клиентите и се стреми кон конечно комплетно укинување на секс-индустријата. Либерално-феминистичкиот пристап бара регулација и легализација, бидејќи проституцијата ја смета за легален облик на работа.
Во Европа, најлиберални закони имаат Германија, Грција, Холандија, Австрија, Унгарија и Латвија. Сепак, во Германија статистички не опаѓа ни организираниот криминал, ни трговијата со луѓе, по декриминализацијата во 2002.
Од друга страна пак, организацијата при ОН за насилство против жени и девојки инсистира дека проституцијата треба глобално да се признае како системско насилство, експлоатација и злоупотреба на жени и девојки. Минатата година, Европскиот парламент изгласа извештај за „Регулација на проституцијата во ЕУ: Нејзините прекугранични импликации и влијанието на родовата еднаквост и правата на жените“, кој треба да биде основа за носење резолуција. Сè уште не успеваат да се усогласат во Совет на Европа по ова прашање, па за текстот и понатаму ќе се расправа.