Колку секс е „доволно“ секс?

Прво да расчистиме една работа, пред да се испокарате по дома: не постои точна количина на секс што „треба да се има“.

Нема ниту календар што мора да се пополнува, ниту табела што некој ја проверува. Ако имаш секс трипати дневно - ако. Ако е еднаш месечно - исто ако. Телото нема квота, а желбата не доаѓа со аларм.

Сепак, за љубопитните што некако би сакале да знаат, а нема смисла да прашуваат, некој се потрудил да истражи. Истражување на Институтот Кинзи во Индијана, САД, за сексуалност, репродукција и род, покажало дека фреквенцијата навистина зависи од возраста и не е ни откривање топла вода, реално:

  • 18 до 29 години - оваа група има најмногу секс, во просек 112 пати годишно, што е околу двапати неделно. Не е баш шокантно: младост, енергија и помалку обврски.
  • 30 до 39 години - бројката паѓа на 86 пати годишно, или приближно 1.6 пати неделно. Повеќе работа, помалку спонтани вечери, можеби и малку недоспиеност.
  • Бракот како фактор - 34% од брачните парови имаат секс 2-3 пати неделно, 45% неколку пати месечно, а 13% само неколку пати годишно.

Со други зборови: не „се губи страста“ со годините, туку животот станува погласен, а желбата почнува да се прилагодува на ритамот околу тебе.

Она што е важно да се запомни: Бројките се информативни и не се ни цел, ни дијагноза.
Сексуалната желба варира со стрес, хормони, здравје, врска, па дури и со времето надвор. Така што, ако некој тргне да ви се прави паметен дека мора толку и толку, нека ви текне дека вистинскиот одговор е колку тебе ти одговара.

12 септември 2025 - 09:28