
Една од техниките што терапевтите ја препорачуваат е таканареченото „правило од 18:30“ - едноставна, но дисциплинирана граница.
По 18:30 часот, нема грижи.
Не може ни анализирање, ни враќање на разговори од денот, ни сценарија за иднината. Пауза и точка.
На прв поглед, ова звучи контраинтуитивно, бидејќи луѓето склони кон анксиозност често веруваат дека ако доволно долго и детално размислуваат за проблемите, ќе дојдат до решение. Но, според психолозите, токму тоа постојано „вртење во глава“ ја одржува анксиозноста жива и наместо да решава, мозокот се заморува и влегува во циклус од кој тешко излегува.
Правилото доаѓа од едноставен факт - мозокот има потреба од одмор исто како и телото. Кога свесно си поставуваме граница за грижите, му даваме простор на нервниот систем да се смири. Во тие часови, другите делови од нас - оние што не се водени од страв - почнуваат повторно да доаѓаат до израз.
(Ви текнува на тие делови од вас, што не се во постојан страв и спремност? Тие фините, од коа бевте помлади?)
Психолозите често ја опишуваат анксиозноста како насилник, а со насилниците, стратегијата не е да им се попушта, туку да им се постават граници. „Ќе се занимавам со тебе утре“ е начин на кој симболично ја враќаме контролата.
Практично поставено, техниката изгледа вака: во текот на денот, дозволено е да се размислува за проблемите, па дури и да се запишуваат. Но, кога ќе дојде вечерта, се воведува правило - мислите можат да почекаат до утре. Ако се појават, не се оттурнуваат со сила, туку нежно се одложуваат како со дете: „Не сега.“
Важно е да се нагласи дека ова не значи игнорирање на реалните проблеми. Напротив, тие не исчезнуваат - и тоа е поентата. Ќе бидат таму и следниот ден, кога умот е посвеж и поспособен да ги процесира. Разликата е во тоа што повеќе не ја окупираат целата вечер и ноќ. Од почеток може да ви изгледа како мислите уште посилно да навираат. Но со време, мозокот учи дека не мора постојано да биде на штрек. Постепено, периодот без грижи се продолжува, а чувството на леснотија станува поизразено.
Секако, терапевтите нагласуваат дека оваа техника функционира најдобро како дел од поширок пристап: редовен сон, физичка активност, избалансирана исхрана и темпо на живот што не е постојано во брзање. Но токму ова мало правило често прави голема разлика, затоа што внесува структура таму каде што претходно владеел хаос.