Жанровите ќе си останат жанрови, но нема некоја голема разлика меѓу порно проект и обичен филмски проект. Гардеробата го одредува тонот и го комплетира жанрот, а ова секако (не се правете дека не) знаете дека е особено важно кога се работи за порно, затоа што фантазијата се гради околу стереотипите помогнати од облеката.
Во овој жанр, доаѓаат стилисти за големи, долгометражни проекти за да го поминат сценариото и да изберат гардероба за секоја сцена, истовремено внимавајќи на сите парчиња и промена на облеката. Кирстен Прајс на пример, освен што е актерка во индустријата е и стилист. „Во основа, работата е иста како на секој друг костимограф на најобичен филмски сет, само што овде луѓето задолжително се соблекуваат на крајот,“ вели таа.
Снимањата се со строг распоред и се прават многу брзо, што значи дека повеќето костими мора да се купуваат од продавница.
„Работиш на еден филм, се спремаш за тоа недела дена, па имаш два дена пауза, па почнуваш со нов,“ објаснува Прајс. „Така што, многу пати се поклопуваат и ти го користиш секој можен момент да одиш да испазариш нешто за облекување.“
А станува и тешко да се заработи, затоа што има многу бесплатни сајтови и расте популарноста на т.н. Cam Girls (девојки што ти муабетат и ти се соблекуваат на камера).
Се користат многу, многу светли бои затоа што денес е сè на интернет, а окото се закачува на нешто што светка. Слика од девојка во маркер-жолто ќе добие повеќе кликови од девојка во црно.
Има филозофија и во тоа кои бои се користат. Прајс вели дека никогаш не би облекла русокоса во портокалово и не би ставила сино бикини за сликање покрај базен. Црно се користи само за одредени теми (на пример порно со вампири).
Често се работи за мал буџет, па компаниите бараат од порно-ѕвездите сами да си донесат гардероба. Режисерите ги контактираат пред да дојдат на снимање за да им кажат што е приказната и да им кажат што би требало да донесат. „Нè сметаат за надворешни соработници, па слично му доаѓа со шминкерите – тие сами си носат шминка,“ објаснува порно-актерката Шанел Престон.
За да заштедат, костимографите и актерите имаат гардероба што се совпаѓа со одредени тропи: ученичка, навивачка, секретарка итн. Оддржувањето на одреден тип им помага на ѕвездите и да набилдаат обожаватели. Како и кај манекенките, не се заработува само од самата работа, туку и од јавни настапи, брендирани парчиња и други можности што доаѓаат кога си популарна порно-ѕвезда.
„Јас на пример, цело време снимам канцелариски работи,“ објаснува Престон. „Не снимам многу ‘згодна комшика’, па немам многу парчиња од тоа; имам ‘стриптизета’, затоа што знам дека и тоа ќе снимам, или ‘богата домаќинка’. Секоја девојка знае за што најчесто ќе ја ангажираат и најчесто има таква облека.“
Долната облека не може баш сто пати да ја искористиш, така што нема причина да вадиш од скапата. Престон најчесто купува во H&M, затоа што имаат сетови долна облека за околу 20 долари. И те знаат дека си од порно-индустријата кога ќе влезеш и ќе купиш 20 такви комплети.
Дури и кога е обезбедена гардеробата, сепак е добро да си носат своја. Брзиот распоред не дозволува пробување и кројачи, и можеш да завршиш во нешто што ти е премало или преголемо.
Исто така, корисно е за ситуации кога тоа што ќе ти го дадат едноставно – не ти стои. „Јас не носам бебидол фустанчиња, затоа што не ми стојат. Имам големи гради, па ако не покажам облини, делува како да сум дебела,“ вели Престон. „Така што, да, си носам гардероба и тоа е некако фино, затоа што некогаш ми даваат нешто што ми стои ужасно.“
Сепак, сè повеќе се случува компаниите да ги откачуваат стилистите за да скратат на трошоци. Само големите, како Digital Playground и Brazzers (за кои што работи и Кирстен Прајс) и kink.com – сè уште ги ангажираат за големи проекти.
„Не е како порано, кога беше секојдневие некој да ги облекува девојките на снимање,“ завршува Прајс. „Компаниите веќе го немаат тој буџет што го имаа порано.“