Писателскиот чемер на Даглас Адамс што ќе си го препознаат писателите

Даглас Адамс си оставил порака на сам себе открива (surprise!, ќе си речат сите што некогаш се зафатиле со тој подвиг) каква тортура му било пишувањето.

Адамс е еден од најимагинативните писатели што сме имале чест да ги прочитаме, но дури и тој го сметал пишувањето за напорен процес што бара „писменце до мене“ дека „на крај ќе се исплати“.

Вака вели:

„Пишувањето не е толку лошо кога ќе ти помине загриженоста. Заборави ја, само терај. Не се срами од лошите делови. Не губи време на нив. Пишувањето може да биде добро. Треба да го нападнеш ти него, не да го оставиш тоа тебе да те нападне. Може да излезе задоволство од тоа. Сигурно можеш да бидеш и успешен со тоа!“

Фасцинантната порака заедно со други богатства од писма, сценарија, шеги, поеми и идеи ќе се најде во книга, за која се собираат средства преку crowdfunding.

Голем број од документите откриваат колку знаел да биде ужасен пишувачкиот процес за Адамс.

„Многу ми се допаѓа пораката, но би сакала почесто да си ја читаше,“ вели неговата сестра, Џејн Трифт. „Мислам дека пишувањето му беше мачен процес, не цело време, но кога беше тешко, беше навистина многу тешко.“

На друга страница со забелешки, Адамс запишал,

„Денес ми е монументално смачено од идејата за пишување. Немам напишано ништо два дена и од тоа ми е смачено. Артур Дент е глуп. Не ме интересира. Форд Префект е глуп. Не ме интересира. Зафод Библброкс е глуп. Не ме интересира. Марвин е глуп. Не ме интересира. Автостоперски водич за Галаксијата е глупост. Не ме интересира.“

Типично за Адамс, поплаките брзо се трансформираат во замислен разговор со змеј по име Лајонел.

Книгата нормално ќе се вика 42, а ќе ја уредува Џон Дејвис кој Адамс го запознал во 1978 и ќе има и писма до авторот од пријатели и фанови, меѓу кои и Стивен Фрај, Нил Гејман и Кејтлин Моран.

Архивата на Адамс - 67 кутии полни со предмети ја држи колеџот Сент Џон во Кембриџ.

Метју Клејтон, главниот уредник во Анбаунд, вели,

„Наоѓањето нов начин да се отклучи архивата на еден од најкреативните мислители на минатиот половина век, на начин кој директно комуницира со неговите фанови, како да е причината што е основан Анбаунд.“

А заедничкото собирање средства на интернет за книгата, според Клејтон е токму таква револуционерна стратегија што Адамс со задоволство би ја прифатил.

22 март 2021 - 14:38