Џамила Џамил е премногу феминистка за да ја интервјуираат жени

Сите новинарки што се надевале дека ќе стигнат до разговор со актерката, можат да се откажат после нејзиниот Сабстак со наслов „Мислам дека завршив со интервјуа од жени.“

Џамил вели дека довербата е нарушена, после еден профил во Сандеј Тајмс, за кој смета дека е пренесен како евтин, раскенкан блог на Дејли Мејл, напишан од студентка очајна за кликови.

Џамил што сега е попозната како гласна и боди-позитивна феминистка отколку како актерка, напиша дека од стотици жени што ја интервјуирале во текот на нејзините 17 години кариера, само три биле фер.

„Другите истераа со веќе направена одлука за тоа која сум, иако никогаш ме немаа сретнато, или запознаено барем човек што ме познава.“

Ѝ пришле со „агол“ кој не бил осмислен да ги воздигне читателите, туку да ја раскринка жената што се обидува и се надева дека ќе ги воздигне читателите.

Профилот навистина не ја претставува во добро светло - насловот е кликбејт: „Ја бранев Меган долго пред да ја сретнам“, па почнува со парафразирање на некои од нејзините најлуди твитови. Потоа се набројуваат нејзините здравствени проблеми, па едвај на крајот се промовира филмот на Пиксар каде што учествува и подкастот каде што со гостите дискутира брукачки моменти.

Џамил се пожали дека кога ја интервјуираат жени, од неа бараат да се докажува.

„Сакаат да ме интервјуираат за феминизам, велат, но ретко ми ги истражуваат мислите и идеите за нашето колективно искуство. Повеќе сакаат да го доведуваат во прашање мојот карактер, зошто имам право да зборувам кога имам привилегија, зошто ми е гајле, се хиперфиксираат на моите грешки кои не се ни страшни во споредба со грешките на мажите во индустријата.“

Најголемо разочарување ѝ е што токму новинари од нејзиниот пол ги прават овие проблеми.

„Мразам што морам да го кажам, но новинари-мажи секогаш биле пофер со мене. Мажите се многу позаинтересирани за истражување и предизвикување на моите идеи, наместо да проверуваат дали имам кредибилитет воопшто да имам некакви идеи.“

23 јуни 2025 - 00:00