Многу често се случува незадолжителна забелешка да покрене лавина тешки зборови, но има лек, и тоа научно издржан лек.
Сега во август е спроведено истражување и објавено во Communications Psychology, каде што се испитува динамиката што ги ескалира брачните расправии, и што е поважно - кажува како може да се спречат. Направени се 6000 обиди со метод осмислен за етички да се испитува агресијата.
Значи: Секој пар се натпреварувал во 30 рунди игра, соочени лице во лице, и со слушалки на ушите. Победникот во секоја рунда добивал можност да пушти силен звук во слушалките на губитникот, со јачина по негов избор. Вака се дозволувало паровите да изразат агресивно однесување во контролирано, етичко опкружување - може звучи екстремно, но им дозволило да мерат агресија без да наштетат.
Цаката е во тоа што тајмингот на таа шанса да се пушти гадниот звук варирал. Во една група, на паровите им било дозволено да го пратат звукот веднаш штом ќе победеле во играта. Во други, требало да чекаат - 5, 10 или 15 секунди - пред да го пуштат звукот.
Се открило дека агресивното однесување на паровите, односно, во случајот на истражувањето - колку гласен звук ќе пуштат, било под големо влијание на емотивната состојба. Кога и двајцата биле изнервирани, агресијата се зголемила за 86%. Како што прогресирала играта, им се совпаѓале и нивоата на агресија - колку погласен бил едниот партнер, толку погласен бил и другиот.
Промената се случила кога паровите биле принудени да чекаат 5, 10 или 15 секунди - во таков случај агресијата значително се намалувала. Што е најинтересно, студијата открива дека нема значајна разлика меѓу времињата на чекање: Паузата од пет секунди го носела истиот резултат како паузата од десет и петнаесет. Ова покажува дека дури и најкратка пауза, значи само пет секунди, на паровите може да им даде доволно време да се оладат, да размислуваат појасно и да спречат расправијата да ескалира понатаму.
Примената во реалниот живот е очигледна - дајте си пауза. Ако само пет секунди се потребни да се ресетира тонот на емоциите за време на несогласување, тогаш не се за занемарување.
Само бидете сигурни дека и партнерот ќе знае за правилото - информирајте го за истражувањето и договорете услови. Можеби ќе се одлучите за шифра што ќе ве потсети, може едноставно ќе броите наназад почнувајќи од 5. И запаметете дека правилото служи за ладење на тензични ситуации, не за избегнување тешки разговори.
И пробајте. Пет секунди може изгледаат безначајно во контекст на долга врска, но знаеме дека и малите моменти се важат.