Парис Хилтон е уметник сега

Пикасо, Матис, Дали и Хилтон, тие се.

Според Форбс, Парис Хилтон е уште една од низата јавни личности што се фаќа за уметност и тврди дека „сликала цело време во карантин.“

Едно од делата е дури и изложено во галерија во Лос Анџелес, како дел од серија што се вика Sweet Sixteen. Насловот е „I Dream of Paris“, а на сликата, ја има, нели се разбира, Хилтон - опкружена со секакви мачки и пеперутки од штрас, со тијара, во боди и ташна Џуси Кутур.

Сликата ќе оди и на аукција, а парите ќе се донираат во добротворни цели, плус победникот ќе вечера кај Парис дома. Понудите веќе надминаа 50.000 долари.

Уметницата за своето дело ќе каже:

„Моето дело „Сонувам за Париз/с“ ги претставува сите мои цели и соништа што ги имав кога бев млада. Речиси е табла со желби за сѐ што сакав да бидам кога ќе пораснам“.

А не е прв пат да зборува за нејзината љубов кон уметноста - споделила и други ремек-дела на Јутјуб кај нејзе. Конкретно, се работи за слика од мачката на мајката на дечко ѝ, виножита и емоџиња.

Од изјавата за Форбс:

„Уметност обожавам цел живот. Уметник сум од мала.“

Тврди и дека во секоја куќа што ја поседувала изградила соба за сликање и дека ѝ е многу важно да има просторија каде што ќе може да се изразува креативно.

Омилени уметници ѝ се Енди Ворхол, Џеф Кунс, Демијан Хрст, Кос, Такаши Мураками, Ај Вајвај, Оливија Стил и Салвадор Дали.

Дали би бил превоодушевен, сто посто.

18 август 2020 - 00:37