Подемот и падот на грдите плишани тренерки

Ви текнува, рани 2000-ти, Парис Хилтон во комплет горна и долна плишана тренерка, небесно плава или розева, со букви „Juicy Couture” на газ? И не само Парис, туку и Бритни Спирс, Линдзи Лохан, Џесика Алба... Сè што има 2000-та у CV, имаше и вакви тренерки.

Може и не се толку грди колку што се... Па, некако неприкладни за било што освен за спиење? Има на пример, многу подостоинствени пижами од ова. Ја пратеа естетиката од тоа време, маркер-бои, низок струк, краток горен дел... Имаше и ташни и накит, ама тие помалку ги гледавме. 

Компанијата ја основале две жени од кои едната почнала да креира облека додека била трудна - не можела да најде ништо фино за трудници, па почнала сама да прави. Некое време подоцна, има бизнис-партнерка, со која одлучуваат кој материјал според нив е најудобен на свет и имаме - Џуси Кутур.

Она што е највредно за спомнување во овој случај е дека онаа пракса со праќање твои производи на селебрити фаци за да ги носат/покажат и со тоа да те изрекламираат, почнува од овде. Немале пари за маркетинг, па убаво истражиле кој е најјак во моментот и - поклонче.

Резултатот ни е веќе познат.

Во еден момент, стигаат и до заработувачка од 650 милиони долари, но - се ближи економската криза.

Одеднаш, за облека чија филозофија е „види како светкам и види колку коштам” нема место на пазарот. Џуси Кутур пропаѓа, но не без да стане култно парче што припаѓа на едно впечатливо модно време.

Сè додека не се појави скоро Кајли Џенер во една црна варијанта...

11 декември 2019 - 22:02