Новинарот Џејсон Дајмонд има многу интересен опис на моменталната улична, кежуал мода по Њујорк:
„Ако поминете доволно време шетајќи по периферијата на Централ Парк, ќе забележите одредени стилови што се својствени за тој дел. Жена дотерана како за на писта што влегува во гранапче по овесно млеко, млад професионалец што актовката ја заменил со преполна Забар торба. Ако се загледате во помладите, ќе забележите и детаљ што во моментов е многу својствен за урбаниот, градски стил, а сепак потекнува од поодалечените делови на градот. Дами и господа, и Блер Волдорф и Холден Колфилд станаа cugine.“
Во италијанско-американските енклави, зборот cugine (значи братучед), почна да значи „човек што има човек“. Ако прво што ви паѓа на памет е Џо Пеши, Роберт де Ниро, или Џејмс Гандолфини, тоа е затоа што филмските мафијаши нивната униформа ја имаат доведено до степен на уметност, а во последниве неколку години, тој изглед инспириран од Гудфелас е насекаде, од впечатливи крагни на кошули, до поло маици. Сепак, она што најмногу има пуштено корен кај градските деца, изгледа е златниот ланец.
Начинот на кој што се носи зависи од племето на кое припаѓа тинејџерот. Едни го носат преку дуксерот од скапото школо во кое учат, други со тренерки и спортска облека додека џогираат во групи. Прашањето е како стигна и до децата од приватни школи кои ни под разно не си дозволуваа да ги начекаат со златни ланци на времето?
Можно е делумно да се должи на работите што ги гледаат. Uncut Gems влијае на естетиката уште откако е излезена, а и ретко кој не прегледуваше Сопранови за време на пандемија. А има логика и тоа што го кажува една мајка, пријателка на новинарот што прави осврт на феноменов:
„Децава денес се растени со гледање дијаманти на кошаркари и бисери на Хари Стајлс, па не ме изнендува што златните синџири си го нашле патот од градскиот мејнстрим.“
Истовремено е интересно и начинот на кој ги носат - да личат како позајмени. Од дечко? Од баба?
Не е битно.
Sвездите на социјалните мрежи со задоволство ја истражуваат куџине-културата и самите придонесуваат кон оживувањето. Николас Хелер, на неговите следачи познат како Њујорк Нико, ја сумира естетиката:
„Имам три едноставни златни синџири што никогаш не ги вадам. Немаат ни приврзоци на нив, ни ништо. Почнав да ги носам затоа што одлично одговараат со моите влакнести гради.“