„Обратно силување” веќе не е тоа што мислиме

Нема дефиниција за силување што не е грозна, и таква е и онаа за обратно силување, што до скоро беше „кога жена силува маж”. По ново, оваа дефиниција добива суштинска, криминално идиотска измена.

Сликата што излегува кога ќе напишеш на Гугл „social justice warrior”.

Во последно време феминизмот (или поточно, луѓе што најбезобразно ја злоупотребуваат неговата филозофија) великодушно придонесе кон проширување на тоа што значи силување. Па така, денес имаме емотивно силување, мисловно силување, визуелно силување и слично, изрази што главно секако означуваат непријатни работи, но за кои сепак е премногу екстремно да се користи зборот, нели, силување.

За „силување” знаат да се фатат и кога ќе се разбудат сабајлето после секс и ќе сфатат дека им е криво. Но никој не очекуваше дека ќе се фатат и кога, внимателно:

Маж одбива да има секс со жена.

Баш ова е всушност таа криминално идиотска, нова дефиниција за обратно силување.

Во сатиричен текст (кои многумина не го ни сфатија), Ен Гас за Thought Catalogue сликовито се обидува да пренесе колку е отидена работата. Раскажува како ѝ се бендисал некој шанкер, згоден, со тетоважи, па го викнала позади, божем да ѝ покаже нешто и го фатила меѓу нозе. Ѝ се заканил дека ќе викне полиција.

И нејзината реакција ја слика вака:

„Колку валкано се чувствував заради него - како смее да ме одбие за секс? Јас бев напалена жена, а овој сељак ме одбива? Уау. Свашта. Што се замислува? Што си мисли, мене како ми е? Никаков маж.

Не можете ни да замислите колку беше тешко. Ете ме мене, спремна за секс, а дечкото со кој сакав да имам секс ме одбиваше за нешто што го сакав. Бизарно беше. Никогаш не сум искусила нешто такво. Не ми се веруваше, јас ќе покажувам храборст да преземам сексуална иницијатива, само за да ме одбие? Одземање на моќ! Тоа што ме одби за секс беше негов начин повторно да ја преземе неговата патријархална моќ над мене, и сигурно беше преплашен од ваква силна жена, па одбивањето беше очаен начин да покаже дека е главен. Тоа е еднакво патријархално како силувањето - всушност, па силување е. Да не ѝ пружиш на жената сексуална исполнетост е силување. Не ме присили да имам секс со него, ме присили да немам кога навистина сакав - и тоа е очигледно еднакво страшно.

НЕ ЗНАЧИ НЕ, ОСВЕН АКО НЕ СИ МАШКО - ТОГАШ МИ ЈА ОДЗЕМАШ ЖЕНСКАТА МОЌ КОГА САКАМ СЕКС.

Секако дека се јавив во полиција и тој гомнар има да скапе во затвор што така ми направи, дури и да морам да ја дофилувам приказната за да ја голтне нашиот правен систем. Сигурно нема НЕГО да му веруваат, лол.

Морав и на психолог да одам, затоа што сум многу истрауматизирана. Ќе морам со ова да живеам до крајот на животот.”

„Обратно силување е одбивање на сексуална активност со жена со 'погрешна форма на тело' и еднакво е страшно како силување.” Еднакво било страшно, вика.

Ете колку глупо звучи. Само што, не можеме да кажеме дека не бевме предупредени. Уште на почетокот, кога #MeToo зема замав, неколку разумни јавни личности (вклучувајќи ги и Катрин Денев и Брижит Бардо) се обидоа да ја смират топката, а некои мавтаа со раце и молеа „не претерувајте”, свесни дека медиумите ќе земат едно могвајче, па со гориво од разулавени борци за социјална правда, ќе го претворат во грозен, озабен и отровен гремлин. Како резултат се разбира, беа „предавници на феминистичката кауза”.

Што е следно?

Ова ли?

Кој ќе ги знае.

Види и: Мизогинијата на #MeToo

6 август 2018 - 09:30