„Новото“ апче што се користи за смирување ќе ви се види познато

Ние одамна си глодкаме диазепами, ама по свет открија - пропранолол. Класичен бета-блокатор што се препишува за срцеви заболувања, сега луѓе го пијат за смирување.

Во последните години, пропранололот - лек од групата бета-блокатори, одобрен уште во 1967 година за третман на кардиоваскуларни заболувања - доби нова, неочекувана улога во секојдневието. Наместо исклучиво за срцеви проблеми, сè повеќе жени го користат за да се справат со нервоза пред јавни настапи, работни презентации, први дејтови, па дури и венчавки. Популарен го направија инфлуенсери и подкасти и стана дел од поп-културниот разговор за анксиозноста и притисокот пред перформанс.

Според податоци од аналитичката компанија IQVIA, бројот на рецепти за пропранолол во САД е зголемен за 28 проценти од 2020 година, што го прави најбрзорастечкиот лек во категоријата бета-блокатори. Станува збор за генерички и релативно евтин лек, кој делува така што го забавува срцевиот ритам и го намалува крвниот притисок, со што ги ублажува физичките симптоми на анксиозност - треперење, забрзано чукање на срцето и чувство на паника. Иако не е одобрен од американската Агенција за храна и лекови за лекување анксиозни нарушувања, лекарите со години го препишуваат „off-label“, најчесто за повремена употреба.

Употребата на бета-блокатори во вакви ситуации не е новост. Музичари и актери одамна ги користат пред настапи, а дури и холивудски ѕвезди јавно зборуваат за тоа. Но, нов е начинот на кој пропранололот се промовира и нормализира. На овогодишните Оскари, актерката Рејчел Сенот на црвениот тепих порача: „Земи си бета-блокатор и фокусирај се“, изјава што брзо стана вирална. Подкаст водителките Пејџ Десорбо и Хана Бернер, ѕвезди на популарниот Giggly Squad, отворено зборуваат за своето искуство со лекот, па дури и продаваа капчиња со натпис Beta Blockers.

Според д-р Насир Гаеми, професор по психијатрија на Универзитетот Тафтс, пропранололот е специфичен затоа што влијае не само на срцето, туку и на бета-рецепторите во мозокот. Токму тој ефект може да придонесе за намалување на анксиозноста. Во споредба со бензодиазепини како Занакс или Валиум, лекот се смета за поблага опција што не предизвикува зависност, но сепак, не е без ризик. Прекумерното намалување на срцевиот ритам и притисокот може да доведе до несвестица, а лекот може да биде опасен за лица со астма или дијабетес, бидејќи ги маскира раните симптоми на влошување.

Подемот на онлајн здравството дополнително ја олеснува достапноста. Многу луѓе добиваат рецепт по кратка онлајн консултација, преку прашалници и здравствени параметри што сами си ги пријавуваат без некој да ги провери. Дел од лекарите и истражувачите предупредуваат дека ваквиот пристап носи ризици, бидејќи без физички преглед е тешко целосно да се процени дали лекот е соодветен за конкретен пациент.

И покрај растечката популарност, клиничките докази за ефикасноста на бета-блокаторите во третман на анксиозност се ограничени. Во Велика Британија, каде пропранололот е лиценциран за таа намена, регулаторите издадоа предупредувања за ризикот од предозирање и повикаа на поголема претпазливост при препишување. Неколку сериозни случаи, вклучувајќи и смртни исходи, ја отворија пошироката дебата за тоа каде е границата меѓу медицинската помош и културата на брзи решенија за секој облик на непријатност.

Во време кога анксиозноста сè почесто се признава и се дискутира јавно, пропранололот за многумина претставува алатка за полесно функционирање. Но, прашањето останува дали секоја нервоза навистина бара фармаколошка интервенција, или дел од неа е неизбежен, па дури и корисен дел од човечкото искуство.

9 февруари 2026 - 00:00