Њујоршки автобуски приказни

Ако некогаш сте се запрашале кои се приказните на луѓето што се возат со автобус - што работат, што размислуваат, каде одат… Некому му текнало да ги праша. Во Њујорк ова - замислете да почнеме кај нас да прашуваме по луѓе „зошто автобус?” Или, можеби треба...

На импровизирана рута со автобус низ Њујорк, Малори Рајс од Мен Репелер среќава неколку Њујорчани кои со задоволство ја споделуваат нивната врска со овој превоз што ретко го гледаме во светкави филмови за нивниот град.

Автобусот често се игнорира, а составен дел од животот на многумина. Може не е секси како метро, но сепак е ресурс од критична важност. Системот е поинклузивен, со пристапност за инвалиди на пример и често е единствен начин да се стигне од оддалечени населби, ако немаш кола.

Како микрокосмос на секој град, автобусот нуди заштита од хаосот на улиците, дури и служи како инкубатор на сопствени, уникатни микро-драми и приказни, најдобро раскажани од самите луѓе што го користат.

Да речеме:

Ава 58, оди од Чајнатаун до Мидтаун:

Често се возиш со автобус?

  • Њујорчанка сум, па автобусот ме потсетува на детството. Ги знам рутите на памет. Многу ми одговара. Неодамна правев и операција на коленото, па полесно ми е со автобус.

Што правиш за времето да ти помине побрзо додека се возиш?

  • Да видиме… Денес си го земав весникот што го издава моето старо средно школо и Њујорк Тајмс.

Некакви тенденции во автобус?

  • Па, заради коленото, не можам до крај да ја свиткам ногата, седнувам каде што има повеќе простор за нозе.

Има ли непишани правила во автобус?

  • Ооо, да. Ако сум единствена што седи овде и сите други седишта се празни, непишано правило е да не му седнеш на некој во скут, да си најдеш простор. Друга работа е што, кога стоиш над некого, можеби мислиш дека не го вознемируваш, но тој што седи цело време ти го чувствува присуството. Ако има место понатаму, таму треба да се сместиш.

Џон, 75 и неговиот партнер, одат на филмска проекција

Кој филм ќе го гледате?

  • Вечерва е нешто… Peanut Butter Stallion? Peanut Butter Cowboy?

Peanut Butter Falcon!

  • Да! Многу ме интересира. Ги гледавме сите филмови што излегоа оваа година затоа што тој е во жирито на SAGAFTRA (Screen Actors Guild‐American Federation of Television and Radio Artists), па ни праќаат ДВД-а и нè канат на проекции. Гледаме околу 3 филмови неделно.

Имате ли омилен досега?

  • Pain and Glory беше особено добар. Marriage Story беше исклучителен. Па гледавме нешто неочекувано, The Aeronauts, за првата жена што летала со балон и скршила рекорд. Преубаво направен.

Како ви поминува времето во автобус?

  • Читам весник, или Гугл вести. Претплатени сме на четири дневни весници - Пост, Дејли Њуз, Вол Стрит Журнал и Тајмс.

Бирате кој ќе го читате секој ден?

  • Не, сите ги читаме. Тоа е убавината на пензионирањето!

Имате посебни желби во автобус?

  • Не баш. Често не ни седиме заедно, тој има поинакви идеи!

Френк, 80, оди на доктор

Што сакаш да правиш додека патуваш?

  • Во моментов, разгледувам информации што ми ги даде докторот. Но, инаку, сакам да гледам низ прозорецот, да гледам кој се качува и кој се симнува. Сакам да гледам како се променил градот. Понекогаш ќе видам градба што изгледа интересно, се симнувам да ја видам, па се качувам на следниот автобус.

Каде сакаш да седиш?

  • Само да нема некој позади мене.

Дали ти се случило нешто значајно во автобус?

  • Па, многу луѓе се гужваат пред врата. Пред две недели, морав да се симнам и тројца ми стоеја пред врата. Им реков, „Извинете, да поминам”, и на крај морав да ги избуткам. Не би требало да се тепам на мои години, имам 80! Иако еднаш се имам степано во метро. Еден ми седна кога станав да ѝ отстапам место на една жена и му реков дека е копиле, па тој ми дојде и ме удри по глава со телефонот. Како Мухамед Али бев - го искршив од ќотек. Но, не си ја барам бељата сам. Автобусот е фин начин да се види градот.

Дали вие се возите со автобус и имаат ли скопските автобуси микро-драми? 

Ако да, пишете ги овде.

2 јануари 2020 - 14:56