Проблемот во бивањето освестена корпорација е дека штом ќе тргнеш по тој пат, никогаш не си доволно освестен во очите на вистински освестените. Ова Нетфликс го откри неодамна, откако го нападнаа некои од сопствените вработени и креативци за тоа што се осмели да го пушти последното шоу на Дејв Шапел, The Closer. Го обвинија Шапел за трансфобија и сакаат да го откажат. Минатата недела, вработени во Нетфликс дури и се придружија на транс активисти на (јаден) протест пред канцелариите на Нетфликс во Лос Анџелес.
Нетфликс не е сам во однос на обидот за цензура од вработените. И на други медиумски корпорации им ги предизвикаа освестените напори - и тоа нивните вработени миленијалци. Спотифај се соочи со мини бунт минатата година заради епизоди на Џо Роган, а кај издавачот Пингвин Рандом Хаус, вработените се избезумија дека ќе се издавал Џордан Питерсон.
Издаваштвото многу брзо станува посакувана кариера за амбициозни потенцијални цензурирачи. Особено се активни кога се работи за прашања поврзани со транс-популацијата. А и не ги нервира само тоа: На почетокот на годинава, 216 вработени во Сајмон и Шустер, издавачка куќа во Њујорк, потпишаа петиција инсистирајќи да се пресечат сите врски со писатели поврзани со администрацијата на Трамп. Меѓу нив беше и Мајк Пенс кој штотуку имаше потпишано двегодишен договор со Сајмон и Шустер.
Јасно е дека освестената идеологија ги инспирира тие што работат во медиумите да захтеваат нешто што, всушност е уредничка контрола врз содржините на нивниот работодавач. Оваа нова генерација на вработени во медиумите изгледа нема намера да толерира било што што го смета за навредливо. Дејвид Шели, директорот на Хачет Бук Груп и книжевната агентка Клер Александар веќе кажаа дека издавачите отсега ќе мораат да ги предупредуваат своите нови регрути дека понекогаш ќе мораат да работат на книги со кои луѓето не се согласуваат.
Освестени компании како Фејсбук, Јутјуб или Нетфликс веќе имаат пробано да затворат навредливи гледишта на работите. Но нивните вработени бараат овие веќе освестени компании да одат уште некој чекор подалеку.
Сепак, има уште една причина зошто новата генерација цело време се натпреварува со компаниите кој е поосвестен. Многу работодавачи и одговорни лица по грешка имаат налетано на освестеноста и ја гледаат низ призма на прагматичност. Но, младите се поинакви. Социјализирани во идентитетски политики, вистински веруваат. Истовремено се и амбициозни. Знаат дека можат да ја искористат освестеноста за промоција на сопствените интереси. Нивните барања за ревизија на уредувањето се истовремено и игра на моќ. Коментаторот Дејвид Брукс истакна еднаш дека,
„Освестеноста не е само социјална филозофија, туку елитен статус-маркер, стратегија за лично унапредување.“
Значи, протестите како оној против Дејв Шапел не се мотивирани само од идентитетски политики. Истовремено се и начин да се стекне моќ во рамки на една елитна корпорација. Младите вработени кои комплетно ја имаат интернализирано освестената идеологија, сега можат нивното културолошко влијание да го искористат за принудување на нивните постари шефови да бидат дефанзивни. И знаат дека кога ќе ѝ закукаат на компанијата дека нема доволно диверзитет, или дека шефовите се привилегирани, нема да наидат на отпор. Сепак, ниедна компанија што сака да се претстави како освестена нема да каже дека е доволно разнолика. И ниеден шеф што сака да наброи колку е освестен нема да си ја брани привилегијата.
Големите корпорации како Нетфликс или Пингвин Рандом Хаус не смеат да им дозволат на вработените да добијат контрола врз продукцијата на содржини, но нивното прифаќање на освестената идеологија ги прави ранливи. Овие освестени Младотурци го знаат тоа. И знаат дека нивната социјална мобилност е интимно поврзана со стекнувањето моќ. Ако ја добијат таа моќ, корпорациите ќе имаат уште помали шанси да толерираат спротивставени гледишта и незадоволство. А тоа е лошо за сите.