Нам концептот на непотизам ни е доста познат, во однос на тоа што талентирани и вредни индивидуи губат можности заради некој со подобри врски. Толку ни е познато, што веќе не ни е ни богзнае каква вест кога ќе слушнеме пример. По свет, ако се прави, веројатно се внимава да не биде толку очигледно, или едноставно - не се прави како кај нас. Сепак, талент е во прашање, или непотизам кога се работи за Никол (на Лајонел) Ричи? Досега невиден талент кај млада актерка, или врски кај Ема (со тетка Џулија и татко Ерик) Робертс? Каја Гербер тешко дека може да се игнорира, ама дали ќе успееше да започне кариера да не ѝ беше мајка Синди Крафорд?
Интересно откриетие е екипата на серијата „Девојки“. Секоја од нив потекнува од семејство поврзано со ТВ и филмската индустрија. Иако, колку и да ја нејќеме Лина Данам, во право е кога ќе рече „Е ај, кажете ми по што се познати моите родители, па викајте ‘непотизам‘.“
Сепак, постои уште една дебата околу непотизмот и дали воопшто се работи за тоа, кога се во прашање атрактивни професии што носат слава, пари, или авторитет. Не е толку чудно кога во семејство на доктори, децата се запишуваат на медицина, па и самите го тераат истиот пат. Да, им олеснува што растеле во таква куќа, ќе им биде полесно отколку на деца што растеле во семејство на адвокати, продавачи, професори или таксисти. Од таму - толку ли е чудно што деца на актери и режисери стануваат возрасни луѓе што сакаат да го одат истиот пат? Сплетот на околности им дава некоја привилегија, но дали мораат да се извинуваат поради тоа?
Често одговорот е не, ама кога се антиталент... можеме само да гасиме филм или песна, затоа што непотизмот со позитивните и негативните страни тешко дека ќе го снема.
Бонус трач: Тимоти Шаламе има добиено главна улога во инди-филм затоа што татко му го финансирал.