И еве, конечно почна да станува јасно за каква лејка се работи.
Girls никогаш не беше умна критика на една генерација како што Данам милуваше да тврди – беше само една погадна, попљава и помлада верзија на „Сексот и градот”. Немаше ни некоја посебна разлика меѓу Данам и нејзиниот плиток лик Хана Хорват на која свашта мораше да ѝ следува, како што Данам сакаше да нè убеди.
„Мислам дека е можно да сум гласот на една генерација,” им објавува Хана на нејзините родители во првата епизода. „Или барем еден глас на една генерација.”
Ова требаше да биде на шала, но Данам наскоро со задоволство си го прифати овој елаборативен епитет, и тоа охрабрена од целото внимание што го добиваше од релевантните медиуми како Њујорк Магазин, Њујоркер и Њујорк Тајмс. Па што ако нели, беше 25-годишна девојка без искуство. Важно беше што има да каже.
Односно, важно беше до 17-ти ноември, кога Данам и колешката Џени Конер се истопорија да го бранат Мареј Милер, сценарист на Girls кој беше обвинет за силување. Имаше и полициски извештај. А сепак, се појави изјава што никој не ја побара, и тоа оптеретена со една дрска супериорност.
„Иако првиот инстинкт ни е да ја чуеме приказната на секоја жена,” напишаа тие, „запознаени сме со ситуацијата на Мареј и тоа ни дозволува да кажеме дека, за жал, ова обвинение спаѓа во оние 3 проценти на невистинити обвиненија што ги има секоја година.”
Ова е само еден од многуте проблеми со Данам. Се истрчува да изломоти со целосен морален и филозофски авторитет, додека не ја изругаат онлајн, во кој што момент, патетично се повлекува.
Тоа е тежок лицемер, што тврди дека ние сме тие што имаат проблем со нејзиното тело и начин на облекување, а се труди да биде секси и гламурозна на црвениот тепих. Очајно сака да ја сакаат, додека тврди дека воопшто не ѝ е гајле дали е така. Нарцисоидна е, воопшто не е бистра, нема систем на вредности, нема врска со вистината.
„Јас сум недоверлив наратор,” си напиша и самата во нејзините мемоари од 2014-та со наслов „Не сум јас таква”.
Вака почнува едно поглавје, „Бери”, по студентот што таа тврди дека ја силувал кога била студентка на Оберлин. Бери, раскажува Данам, беше глуп, бел републиканец (нели, се разбира), со бркови, каубојски чизми и имаше радио-емисија. Една девојка што имаше спиено со него, вели Данам, рече дека ја оставил спалната прекриена со крв, како да имало убиство. Данам пишува дека имала неколку верзии на приказната во глава, но некои други луѓе – вклучувајќи го и, хм, сценаристот Мареј – и помогнале да сфати дека била силувана.
Каде е проблемот со приказнава? Само еден лик од кампусот во таа временска рамка се совпаѓа со описот. Се вика Бери. Никогаш не ја силувал.
Дали на Данам ѝ е гајле за штетата што ја предизвикала – лажно да обвини човек кој медиумите многу брзо го идентификуваа, давајќи им предност на тие што во иднина би се сомневале во приказните на некои други жртви – стана очекувано помалку важно отколку нејзиното искуство со тие медиуми.
„Многу се надевав дека чувствителната природа на настанот (нели, силувањето) ќе биде центар на внимание и дека никој нема да се обиде повторно да ги отвори овие рани или да ми ја продлабочи траумата,” напиша тогаш Данам. „Наместо тоа, постојано во прашање се доведува и мојот лик и мојот кредибилитет.”
Која иронија.
Во овој #ИМенеИсто момент, социјалното и политичко немање осет на Данам само истакнува колку врска нема: таа е производ на родители кои се богати уметници, растена во центар на Њујорк, доаѓа од хомоген свет на богати, бели пријатели, изолирани од тешкотиите на животот, дојдена во Холивуд со тежок непотизам во нејзините рани 20-ти. Претставува сè што обичните Американци мразат кај крајбрежната елита, и со право. Не е ни одблиску паметна колку што мисли дека е. Не ни знае што значи феминизам.
Ова ви е бре, жена што рече дека никогаш немала абортус, но „посакува да имала”. Во нејзините мемоари пишува дека се оспеднувала со нејзината помала сестра Грејс до опасен степен. Мастурбирала во кревет со Грејс до неа и еднаш и ги раширила нозете и нашла камчиња во нејзината вагина.
Без гаќи му позираше на веќе познатиот сексуален предатор Тери Ричардсон. Го обвини Одел Бекам Џуниор дека ужасно размислувал затоа што не ѝ се обратил на Мет Галата. „Како да ме погледна и да реши дека ја немам формата на жена според неговите стандарди. Како да си рече „тоа е манчмалоу. Тоа е дете. Тоа е куче.”
А последно, и веројатно најуништувачко од сите нешта досега, го даде нејзиното куче кога и стана, како што кажа, „преголема обврска.” Лина Данам доби милион шанси, а упорно докажува колку е најужасна.
Еден ден откако изби скандалот со Харви Вајнстин, Данам за Њујорк Тајмс напиша дека „слуша приказни од самите жртви со брзина што делува дистописки,” и „дека игнорирање на штетно однесување останува потпис на мажите во Холивуд.”
Не се само мажите. Лина Данам, ај чао.