Никој не ни тврди дека тетоважите отсекогаш биле прифатени во општеството - понов момент е тоа што веќе не се проблем за работа, или за носење тетовиран човек дома да се запознае со твоите. Но, задоцнетото прифаќање на тетоважите како форма на валидно и уметничко себеизразување носи можност да се погледне во интересната историја на тетоважите во Америка. А од таму, фактот дека некои од културно-најразноликите и слободоумни градови некогаш биле непријателски настроени кон тетовирањето.
Во 1961, Њујорк ги прави тетоважите нелегални, а тоа престанува да важи во 1997, над 36 години подоцна.
Пред да се забранат, тетоважите станале скоро па нормални на почетокот на минатиот век. Она што почнало како начин морнарите да се идентификуваат на море и да избегнат да ги соберат за работа на британски воени бродови, наскоро се претворило во форма на изразување. Не се тетовирале само мажи - модерни жени со напредни размислувања почнале да се црткаат со мали, суптилни тетоважчиња на места што лесно можеле да се скријат по потреба. До 1961, тетоважи имало насекаде низ градот, па не-баш-прогресивните градски татковци почнале да забележуваат. И да се вадат од памет.
Забраната дошла завиена во „превентива од опасност по јавното здравје“. Во ‘60-те, Њујорк бил благо заплашен од Хепатит Б, кој се појавил во одредени делови од градот, па градските власти почнале со прст да покажуваат кон тетовирањето. Според нив, „мора да биле“ тие мрачни студија каде што се врткаат електрични игли.
Ова излегло дека е жива глупост, затоа што тату-артистите продолжиле нелегално да работат, а случаите на Хепатит Б не се зголемиле ни кај нив ни кај тетовираната популација.
Што било тогаш вистинската причина? Историчарите што го проучуваат овој период мислат дека на тие што ги правеле правилата (како и секогаш и секаде) чинот им се чинел варварски и себеизобличувачки. А проблем било и што во 1964, Њујорк требал да биде домаќин на Светскиот саем, еден од најпрестижните, глобално видливи настани во светот во тоа време, па немало смисла да им се шетаат „тетовирани варвари“.
Од тогаш, па до ‘97, кога Руди Џулијани ја трга забраната, луѓето главно - ја игнорираат. После забраната, тату-сцената во Њујорк експлодира - искусни артисти кои ги паметат нелегалните денови обучуваат нови деца кои носат современи стилови со себе. А љубителите на цртање по тело имаат огромен избор на врвно-талентирани уметници, секој со посебен стил и тешко извојувана победа легално да можат да го работат она што го знаат најдобро, во еден од најуметничките градови на планетата.