
Значи, да се потсетиме: Принцезата треба да ја бакне жабата и жабата ќе стане принц.
Иако нема докази дека народната приказна настанала под влијание на вистински биолошки појави, интересна е врската што може да се повлече меѓу фолклорот, хемијата и старите верувања поврзани со краставите жаби.
Од античко време, жабите се обвиткани со мистерија. Во многу европски култури тие не биле сметани за обични водоземци, туку за суштества поврзани со магија, подземни светови и натприродни сили. Нивниот изглед, ноќното живеење и фактот што живеат меѓу вода и копно придонеле да станат симбол на преминот меѓу различни светови.
Денес науката нуди делумно објаснување за ваквата репутација. Зад очите на многу видови крастави жаби се наоѓаат жлезди кои лачат млечнобел секрет што служи како заштита од предатори. Во него се содржани различни хемиски соединенија, меѓу кои буфотоксини и, кај некои видови, алкалоидот буфотенин (5-HO-DMT). Овие супстанци знаат да влијаат на човечкиот организам, знаат да бидат и опасни - контактот со секретот може да предизвика мачнина, повраќање, нарушувања на срцевиот ритам, грчеви и сериозни труења.
Ама!
Буфотенинот се проучува поради неговите психоактивни својства. Во одредени услови може да предизвика промени во перцепцијата, дезориентација и визуелни искуства. Научниците предупредуваат дека ефектите зависат од повеќе фактори, а изложувањето на секретот од краставите жаби не претставува безбедна или контролирана употреба на оваа супстанца.
И може да е доволно за да ти се причини дека пред тебе стои принц.
Пред развојот на современата медицина, луѓето не знаеле како да ги објаснат ваквите реакции. Затоа не е изненадувачки што краставите жаби со векови биле поврзувани со магија и вештерство - на пример, во средновековните демонолошки записи и гримоари тие често се споменуваат како придружници на вештерките или како состојка во различни магиски масти и напивки. Денес ваквите верувања се сметаат за дел од културната историја, но можно е дел од нив да биле поттикнати од нивните реални биолошки својства.
Слични мотиви се среќаваат и во келтските преданија. Во популарната литература се споменуваат приказни за таканаречените „жабји солзи“, односно секрет од крастава жаба што наводно се користел во напивки за воини. Не постојат сигурни историски докази дека такви рецепти навистина биле употребувани, но самото постоење на легендите покажува колку силно било верувањето дека овие животни поседуваат необична моќ.
Затоа и бајката за жабата што се претвора во принц добива уште едно можно симболично толкување. Современата невронаука покажува дека човечкиот мозок не ја регистрира реалноста како камера, туку постојано ја обработува и реконструира. Кога врз тој процес влијаат одредени хемиски соединенија, можно е перцепцијата значително да се измени.
Така што, ако се вратиме на почетокот, да, во ред е да не ти се критериумите до небо, иако не треба ни да ги снижуваш и адаптираш за секого, ама тоа е друга тема.
И, дека е можно во мрачните векови да „бацувале“ жаби и да халуцинирале - многу е можно.
Вие немојте.