Зошто толку многу млади мажи се откажуваат од (барање) работа?

Работодавците никако да ја остварат заканата дека „роботите ќе нè заменат“ - масовно се жалат дека фалат работници. Во исто време - парадоксален тренд: сè поголем број мажи, особено млади, не само што се без работа, туку престануваат и да ја бараат.

Австралискиот психијатар Танвир Ахмед овој феномен го забележува и во сопствената ординација. Според него, дел од овие мажи не се клинички депресивни, туку се деморализирани - заглавени, без јасна цел и без чувство дека иднината нуди нешто кон кое вреди да се стремат.

Овој феномен често останува невидлив во официјалните статистики. Ахмед смета дека дел од причините лежат во променетиот однос кон менталното здравје - зголемената свест за психичките состојби секако има огромни придобивки, но, според него, дијагнозата понекогаш престанува да биде опис на проблемот и станува дел од идентитетот. Така, етикети како ADHD, аутизам или други психички состојби можат да донесат чувство на припадност, достоинство и дури и одредени материјални бенефиции. Ахмед предупредува дека тоа може ненамерно да создаде „јазик на ранливост“ во кој човек почнува себеси да се гледа главно низ сопствените ограничувања.

Истовремено, се смени и самото значење на работата - за некој што штотуку пристигнал некаде на запад, работа во магацин, ресторан, или како доставувач може да биде првиот чекор кон подобар живот. За локален млад човек, истата работа може да изгледа како симбол на стагнација, особено ако платата едвај ги надминува бенефициите што би ги добил доколку не работи. Капак на тоа - технологијата дополнително ја намали „штетата“ од неработењето. Денес човек може да помине часови во свет на видеоигри, социјални мрежи, стриминг, онлајн шопинг или виртуелни односи, па забавата, социјалната интеракција, дури и статусот можат да се добијат без напуштање на домот. 

Во сето ова, мажите изгледа се особено погодени. Традиционалните индустрии и физичките работни места што долго време им обезбедувале на мажите чувство на корисност и компетентност се намалуваат, а притоа во подем се професии во кои комуникацијата, грижата и емоционалните вештини имаат поголема улога.

Решението не е едноставно. „Достоинството на работата“ сè уште постои и според Ахмед, кога луѓето кои долго време не работеле конечно ќе почнат, често добиваат структура, рутина и чувство дека се потребни - дури и кога работата не е особено престижна.

Затоа тој наместо постојано да се зборува за „пронаоѓање на среќата“, предлага да се става поголем акцент на припадноста, компетентноста и корисноста. Луѓето, а особено младите мажи, треба да чувствуваат дека на некого му се потребни.

Тоа не мора секогаш да значи заработка - може да биде тренер на спортски тим, може да помага по дома, да се грижи за некого или едноставно, да учествува во заедницата.

Без разлика што живееме во свет кога сè повеќе потреби можат да се задоволат без физички контакт со други луѓе, сепак можеби е паметно да се одговори на предизвикот да си создадеш улога и во реалноста.

7 септември 2026 - 10:34