
Со години медитацијата и терминот mindfulness што го гледаме насекаде - се претставуваат како едноставен пат до помалку стрес, подобар сон и подобро ментално здравје. Но психологот Вилоби Бритон, која некогаш била толку посветена на медитацијата што размислувала да стане будистичка монахиња, поминала години истражувајќи ја страната на практиката за која, според неа, не се зборува доволно.
Во 2004 година, Бритон спремала докторат по клиничка психологија на Универзитетот во Аризона и започнала студија со 26 испитаници за да провери дали медитацијата го подобрува сонот. Резултатот бил спротивен од очекуваниот: оние што медитирале имале понеквалитетен сон, почесто се буделе и поминувале повеќе време во најлесната фаза на спиењето. Колку повеќе медитирале, толку полоши биле показателите за квалитетот на сонот.
Бритон првично не ги објавила резултатите. Подоцна, на некој retreat (скапи повлекувања во природа или некаква изолација од каде што треба да се вратиш препороден), учител ѝ кажал нешто што целосно ѝ го променило погледот: медитацијата не е нужно техника за релаксација. Бидејќи дел од нејзините форми бараат интензивна концентрација, таа може да делува и стимулирачки, а кај некои луѓе да го наруши сонот.
Но најдраматичниот дел од нејзиното сопствено искуство бил дисоцијацијата. Во период кога медитирала и до три часа дневно, еден ден излегла од медитација и почувствувала како нејзиниот дом повеќе да не ѝ припаѓа - како да е нечиј туѓ дом. Подоцна, шетајќи низ градот, имала чувство како да се набљудува себеси оддалеку. Во еден момент помислила: „О, Боже, заборавив дека сум личност.“
Овие епизоди продолжиле со години. Таа имала чувство дека не може јасно да почувствува каде завршува нејзиното тело, а понекогаш сопствените емоции ѝ изгледале туѓи. Кога им кажувала на некои учители за тоа, тие ѝ велеле дека станува збор за нова фаза на просветлување и ја советувале да продолжи со медитацијата.
Токму тоа ја поттикнало да го истражува она што го нарекува „темната страна“ на медитацијата.
Во нејзината студија The Varieties of Contemplative Experience, објавена во 2017 година, Бритон и колегата Џаред Линдал интервјуирале луѓе кои доживеале негативни искуства поврзани со медитацијата. Пријавените реакции вклучувале страв, анксиозност, паника, параноја, промени во мотивацијата, несоница, дисоцијација, а кај дел од луѓето и халуцинации, заблуди и психотични епизоди. Истражувањето не докажува дека медитацијата генерално е опасна или дека кај повеќето луѓе предизвикува вакви реакции. Напротив, постојат бројни истражувања што укажуваат на нејзини потенцијални придобивки. Проблемот, според Бритон, е во идејата дека медитацијата не може да наштети.
Особено ризични можат да бидат интензивните ретрити, каде што луѓето медитираат со часови, стануваат рано и поминуваат денови во тишина и изолација. Но негативни искуства биле пријавени и кај луѓе кои медитирале помалку од еден час дневно.
Затоа пораката на Бритон не е „не медитирајте“, туку внимавајте што ви прави медитацијата. Ако предизвикува сериозна анксиозност, несоница, чувство на одвоеност од себе или други вознемирувачки симптоми, можеби е потребно да се намали, промени или прекине практиката. Понекогаш, како што заклучува, најздравиот однос кон медитацијата може да биде ист како кон секоја друга врска: ако не ти е добро, можеби е време да раскинете.