15 причини да престанеме да ги идеализираме 1990-те?

Наводно, не биле така јаки колку што ни се чини од оваа дистанца. Ние не се согласуваме, ама да видиме што имаат да кажат луѓето што градат случај против ‘90-те.

Men's Journal има цели 15 причини да престанеме да ги идеализираме ‘90-те.

Ако денес ги гледаме ‘90-тите низ розови очила, вели „дневникот за мажи“ - лесно е да заборавиме колку животот тогаш знаеше да биде бавен, скап и, неретко, суров. Носталгијата ги памети музиката, филмовите, модата и чувството дека времето минува поспоро. Но, често го прескокнува сето она што денес ни изгледа незамисливо.

1. Интернетот нонстоп беше loading екран
Dial-up интернетот звучеше како факс-машина што доживува нервен слом. Каков стриминг, какви бакрачи. За една фотографија да се појави на екранот се чекаше со минути.

Денес се нервираме кога видеото ќе закочи две секунди. Тогаш, едноставно, чекавме.

2. Телефоните беа „глупави“
Телефонот служеше за едно: да се јавиш некому.

Немаше GPS, мапи, камера, интернет-банкарство, стриминг музика или пребарување на Гугл во итен момент. Ако се изгубевме, навистина бевме изгубени.

Сепак, мора да му се оддаде признание на стариот Нокиа: едноставен, издржлив и со батерија што траеше форевер.

3. Хомофобијата беше дел од секојдневниот јазик
Геј-ликовите на ТВ често беа предмет на шеги, навредливите изрази се користеа без многу размислување, а јавното откривање на сексуалната ориентација можеше да значи социјално отфрлање.

Денес сè уште постои хомофобија, но начинот на кој општеството зборува за овие прашања значително се промени.

4. Мизогинијата беше насекаде
Жените постојано беа оценувани според изгледот, заработуваа помалку и често слушаа дека одредени професии „не се за нив“.

Напредок има, но во ‘90-тите родовата нееднаквост на работното место беше многу поотворено прифатена како нешто нормално.

5. Политичката коректност едвај беше во зачеток
Многу шеги што тогаш се сметаа за сосема нормални, денес би предизвикале бурни реакции - и тоа со причина.

Не станува збор само за тоа дека луѓето денес се „почуствителни“. Дел од хуморот едноставно се темелеше на навредување на луѓе поради нивниот пол, сексуалност, раса, изглед или инвалидитет.

6. Расизмот беше потешко да се оспорува
Во ‘90-те расните нееднаквости во американскиот кривичен систем, домувањето и вработувањето беа добро документирани. Но, јавната свест и институционалните механизми за соочување со нив беа послаби.

Структурниот расизам не е исчезнат ниту денес, но многу повеќе се препознава, се дискутира јавно и се реагира преку политики и активизам.

7. Вестите беа неверојатно локални
Сакате да дознаете што се случува во Јапонија, Нигерија или Бразил?

Со среќа.

Имаше весници и телевизиски вести. Интернетот сè уште не овозможуваше за неколку секунди да следите што се случува на другиот крај од светот.

8. Музиката беше скапа
Се купуваа ЦД-а, касети и плочи.

Ако сакаш да откриеш некој непознат изведувач, требаше вистински да се потрудиш. Немаше Спотифај со милиони песни на еден клик.

Но, да бидеме фер: чувството кога ќе ја извадиш омилената плоча од полицата и ќе ја ставиш на грамофон навистина беше посебно.

9. Филмовите чинеа пари
Немаше Нетфликс. Немаше бескрајни библиотеки со стриминг-содржини.

Изнајмуваш ВХС, плаќаш кабелска телевизија или чекаш филмот конечно да се појави на телевизија.

А ако изнајмиш касета, имаше едно непишано правило: Премотај пред да вратиш.

10. Купувањето беше вистинска обврска
Немаше споредување 37 производи од удобноста на каучот.

Требаше да влезеш во автомобил, да одиш до продавница и да се надеваш дека имаат твоја величина.

Немаат залиха? Ќе си одиш во друга продавница.

11. Пристапот до информации беше ограничен
Библиотеките беа одлични, но пронаоѓањето некоја специфична или тешко достапна информација можеше да одземе часови.

Денес телефонот во вашиот џеб има пристап до повеќе информации отколку што можела да има цела универзитетска библиотека во ‘90-тите.

12. Автомобилите беа многу поназад
Многу автомобили од ‘90-тите немаа воздушни перничиња, електронска контрола на стабилноста, навигација, камери за рикверц или современи системи за помош на возачот.

Да, старите автомобили беа едноставни и често издржливи.

Но, кога нешто ќе тргне наопаку навистина не сакаш да се вратиш во времето кога автомобилската технологија била многу поограничена.

13. За менталното здравје речиси не се зборуваше
Особено на мажите им се велеше да ги „голтнат“ проблемите и да бидат силни, наместо да зборуваат за анксиозност, депресија или траума.

Фразата „прибери се“ често беше единствениот совет што човек можеше да го добие.

Денес, иако сè уште има стигма, многу повеќе се зборува за менталното здравје и за потребата од помош.

14. Економијата не беше некаков магичен рај
Ниту 90-тите беа деценија без економски проблеми.

Имаше рецесии, отпуштања, нееднаквост и многу луѓе кои се бореа да ги покријат основните трошоци.

Носталгијата често го прави минатото попријатно, посигурно и постабилно отколку што навистина било.

15. Носталгијата го монтира минатото
Да, 90-тите имаа одлична музика, филмови и мода.

Тоа никој не може да им го одземе.

Но, да ги прогласиме за златна ера на човештвото е повеќе историска фикција отколку факт.

Добро, за некои ќе им признаеме дека се во право. Да, сакаме добро ментално здравје и темпомат во кола, во ред. Нејќеме мизогинија, стварно. Ама, толку ли беше лошо што изнајмувањето филм од видеотека беше еден цел настан, а ние не бевме насочени кон хипер-анализа на секоја можна емоција што се појавила после непријатна средба со комшија во влез?

7 септември 2026 - 14:07