Благодарение на пандемијата, карантин-селфи и селфи со маска е нешто што секаде ни се појавува по интернет. Цели фотогалерии се шетаат по социјални мрежи од направи-сам маски од кеси од супермаркет, до хартиени чаши, до стари, од подрум ископани и полни со азбест гас-маски. За жал, ваквите домашни дела не вршат никаква работа, освен што прават тој што ги носи да личи на будала што плаче за внимание.
Како што пишува Александра Филипс за Спајкд,
„една прошетка низ Лондон ти овозможува да видиш дека тие со најсериозната опрема за заштита од корона се истите што протестираа со транс-јога, или друга групација што вечно плачеше за Брегзит, па сега им се потроши тоа, па сега имаат ново.“
За одреден дел од општеството, секогаш ќе има некаква нова криза на повидок - дали е тоа климатска итност, Брегзит, избори, што и да е. И инсистираат сите да знаеме колку се загрижени за тоа. Коронавирусот е несомнено опасен, но и хистеријата носи сериозни последици.
Бркачите на трендот ги бришат супермаркетите од сѐ што ќе им се чини корисно, а и аптеките, без да мислат дали на некој тоа реално ќе му биде потребно. Благодарение на паничното купување, сега има глобален недостаток на маски. Профитерството е стигнато до толку голем безобразлук, што иБеј и Фејсбук банираат корисници што ги продаваат - на иБеј имаше и аукции и цената стигаше до 200 долари. А самите маски многу малку прават за заштита од вирусот (види тука), ама пак е проблем - активно се редуцирани залихите кои на докторите и болничарите кои се во директен контакт со вирусот им се од суштинска важност.
Некои луѓе се толку преокупирани со паниката, што се шетаат наоколу како изгубени членови на Дафт Панк, наместо опсесијата да ја насочат во истражување на интернет. Така би дознале дека миењето раце и користењето средство со алкохол помага многу повеќе од парче материјал преку уста, веќе натопено во плунка.
Иако коронавирусот е неверојатно сериозен проблем, доаѓа во време кога луѓето како да имаат крејвинг за катастрофа. Веќе неколку години, како да лутаме од една сигурна криза во друга. И многу е можно ваквите кризи (вистински или замислени) да им даваат чувство на цел и достигнување на некои луѓе.
Секоја ера има некој тип на катастрофа-мода и култови кон судниот ден. Брегзит, климатските промени и сега коронавирусот се како отворени покани за истите самобендисани, здрави и привилегирани неколкумина што многу милуваат да нѐ предупредуваат дека крајот е блиску, освен ако не ги слушаме нив.