Мозокот има два начини на смеење и си го знае лажното

Истражувачите велат дека спонтаната смеа и учтивата, „социјална“ смеа доаѓаат од два сосема различни мозочни системи и дури и звучат физички различно.

Постои онаа смеа што едноставно ти „бега“ или просто ти доаѓа природно, и онаа што ја произведуваш свесно за да ја одржиш ситуацијата пријатна. Повеќето луѓе ја чувствуваат разликата интуитивно, a ново истражување сега потврдува дека мозокот отсекогаш ја знаел таа разлика - и користи два целосно одвоени системи за да управува со нив, без ние воопшто да сме свесни за тоа.

Студија објавена во списанието Trends in Neurosciences, предводена од истражувачи од Националниот истражувачки совет на Италија и University College London, потврдува нешто што одамна има смисла: мозокот има два одделни системи за смеа. Едниот е стар и емоционален, длабоко вкоренет во нашата биологија. Другиот е свесен и социјален - нешто што мозокот го „позајмил“ од системите за говор за да ни помогне да функционираме во друштво.

Според податоци пренесени од StudyFinds, повеќето луѓе можат прилично сигурно да разликуваат вистинско од глумено смеење, дури и кога не можат да објаснат зошто. Причината е што двата вида смеење физички се создаваат на различен начин. Спонтаната смеа е речиси неконтролирана - минимално се вклучуваат мускулите на устата, јазикот и грлото и звукот излегува „поприродно“ и помалку уредено. Од друга страна, учтивата или свесна смеа користи исти механизми како говорот: усните, јазикот и мускулите работат координирано, речиси како при зборување. Токму затоа таа често звучи порамно, поритмично и посценски.

Луѓето несвесно ги забележуваат овие разлики. Истражувањата покажуваат дека многу подобро препознаваме кога некој намерно се смее, отколку кога смеата навистина е спонтана - токму затоа што „вокалниот потпис“ ја издава.

Интересен аспект на спонтаната смеа е нејзиното влијание врз болката. Невронските патишта што ја активираат поминуваат низ предниот цингуларен кортекс - регија поврзана со емоции и регулација на болка. Истражувања од Оксфордскиот универзитет покажале дека искрената смеа може да го зголеми прагот на болка преку ослободување ендорфини, природни хемикалии што создаваат чувство на олеснување и поврзаност. Робин Данбар од Оксфорд објаснува дека токму овој „ендорфински ефект“ веројатно е причината зошто смеењето толку силно ги врзува луѓето.

Во екстремни случаи, кога овие системи не функционираат правилно, последиците можат да бидат сериозни. Постојат состојби како патолошка смеа и плачење (како на „Џокер“) каде што луѓето имаат неконтролирани епизоди што не одговараат на нивните вистински емоции. Постојат и т.н. геластични напади, епилептични епизоди што започнуваат со смеа, како и катаплексија, состојба во која силни емоции можат да предизвикаат ненадејна мускулна слабост.

Научниците признаваат дека спонтаната смеа е тешко да се предизвика во лабораториски услови, што го ограничува понатамошното истражување. Сè што можеме е да се потрудиме да ја намалиме потребата за смеење со сила.

30 јуни 2026 - 00:00