#MeToo: Па, не мораме баш на сите жртви да им веруваме

Четири години, #MeToo пропагира дека секоја една жена што ќе излезе во јавност со тврдење дека е на било каков начин сексуално малтретирана од маж, ја кажува вистината, во право е, ѝ се верува безрезервно и мора да е така. Освен кога се работи за Бајден. Тогаш, нешто се разговара.

-Мене ме напаѓаше Вајнстин/Спејси/Дастин Хофман/Демијан Грин
-Пали го!
-Мене Бајден.
-Госпоѓо, да не претеруваме.

Овој фиктивен дијалог е илустрација за начинот на кој ретерира #MeToo движењето, откако не отстапуваа од тоа дека секоја жена што ќе каже дека е жртва е навистина жртва. Точно е дека  осветлија многу работи, како на пример степенот на сексуално малтретирање на работно место и стравот на жените јавно да зборуваат за тоа. Но, како старее хаштаг-феноменот, а сѐ повеќе негови поддржувачи и самите завршуваат сред секс-скандали, излегува дека најмногу открива за современото феминистичко движење.

Во првата половина на 2020, се појави Тара Рид, вработена која го обвини Џо Бајден за сексуален напад. Многу критичари на #MeToo го истакнуваат лицемерието што настана, затоа што главните поборници одбија на Бајден да му го пружат истиот третман што го доби Вајнстин. Наводно, Бајден бил „премногу пристоен човек“ за да го фрлиш под автобус. Сузан Фалуди на оваа тема пишува текст, и користејќи пребарувања низ Твитер, најбезобразно расправа дека движењето никоаш не тврдело дека им верува „на сите жени“, а тие што ги истакнуваат несогласувањата во неговите начела, замислете „паѓаат во десничарска стапица“. Според Фалуди, се работело за „верувај им на жените“ само во контекст на контра вечното - „сомневај се во нив“.

И ова е буквално одново пишување на историјата, затоа што не мора да си затуцан десничар за да се посомневаш кога гледаш како #MeToo го хендла обвинувањето кон Бајден.

Кога се работи за медиумски покриени политички битки, се очекува копање во калта на противникот, па како што десничарите тврдеа дека обвинувањата упатени кон Брет Кавано се левичарска завера, така и либералите сметаат дека Рид лаже во корист на хејтерите на Бајден. Политиката е секако полна со лицемери и затоа е секогаш корисна фина доза на скептицизам, особено кога обвинетиот се бори за претстедателска функција.

Сепак, скептицизмот и сомнежот не се дел од алатките на #MeToo, и Сузан Фалуди се обидува да нѐ замајува кога ќе каже дека повиците да се верува на жртвите и преживеаните не претставувале чадор-инструкција за верување на сите жени. Кога беше врвот на #MeToo, безброј статии и есеи се појавија на тема колку е опресивно да се бара доказ од жените дека биле напаѓани, се правеа дури и промени во закони. Гребејќи по оправдувања, ја цитира и Маргарет Атвуд која тогаш уште на кол што не ја набија, затоа што беше скептична и порача дека феминизмот не е униформа.

Слоганите #MeToo, #BelieveWomen или #IBelieveHer што тогаш на велико се користеа на социјалните мрежи изразуваат уверување дека жените рутински се малтретирани и принудени да молчат на таа тема, и затоа #MeToo зборуваше за „епидемија“ и „криза“ на сексуално малтретирање. Во ниеден момент, ниедна јавна личност не излезе да каже, „Само да ви е јасно, не мислиме дека сите жени ја кажуваат вистината, па затоа внимавајте кого поддржувате и расудувајте сами.“ Уште полошо, се дозволи #MeToo да стане алатка за ловење вештерки, и тоа често од политички причини.

Идејата дека треба да им се верува на жените - на некои, или на сите - е лоша во однос на самата правда. Налага дека жените не треба да добиваат ист третман како мажите. Само затоа што ние сме почесто жртви, наспроти предатори во сексуален напад, не значи дека не можеме да лажеме. Вистинската оставштина на #MeToo промовираше патронизирачки став кон жените, ги претстави како детинести фигури кои секогаш ја кажуваат вистината и мораат да бидат заштитени.

Движењето не направи ништо за женската слобода и еднаквост - време е да се продолжи напред.

19 октомври 2020 - 12:53