Светот е направен за луѓе што стануваат рано: тогаш се работи, тогаш се оди во школо. За луѓе што функционираат навечер, станување во 7 е како што е за некои станување во 3 сабајле и тешко им е да се расонат и да почнат пред да им биде телото спремно. Какви рутини постојат за нив?
Да се преработи распоредот
За многу ноќни птици, главниот предизвик за прифаќање на распоред што одговара на нивниот природен ритам е работа од 9 до 5; децата на која и да е возраст се друг проблем. Не може многу да се направи за распоредот на децата, освен ако не се менуваш со партнерот или со друг родител во обврските, но да побараш работа што ќе ти одговара на ноќните тенденции е поизводливо. Може да е ноќен клуб, може да е работење од дома, каде што сам си го создаваш распоредот, или интеракција со колеги во друга временска зона. Или, работење консалтинг, за главниот дел од работата да можеш да го собереш за навечер.
Менаџирање на туѓите очекувања
Ако не сте спремни да менувате работно место, советот е да се разговара со шефот за промена во работните часови, избегнување на состаноци во 8 сабајле или барање дозвола да работиш неколку часа од дома навечер. Ако компанијата прифати, поставете јасни саати. Ако имате слобода да одредите кога ќе работите, тогаш предизвикот лежи во менаџирање на туѓите очекувања. На пример, ако мејлови одговарате надвор од работно време, нека знаат останатите кога можат да очекуваат одговор.
Чувајте си го времето
Кога ќе можете да вклучите ноќно работење во деноноќието, планирајте однапред и искористете го времето до максимум. Најдоброто од себе можеме да го даваме само два до три часа во денот и кога ќе одредиме кога ќе ги искористиме тогаш - нема социјални мрежи, групни пораки, нотификации и слично. Се организираат приоритетите и точно знаеме што сакаме да постигнеме. Напливот на енергија и мотивација може да се искористи и за задачи што не се поврзани со работа: луѓето што работат навечер можат да прават секакви работи што ги прават наутро луѓето што стануваат рано: вежбање, медитација, водење дневник или едноставно - работа. Се препорачува планирање од денес за утре за да се искористи времето најдобро што може, а и да се открие кое ни е најдобро време за полнење батерии: за креативност, врски, живот надвор од работа, домашни работи и личен живот.