Кризата што те снаоѓа на 30 и кусур

„Знам дека стареам затоа што Киндлот ми се претвора во библиотека за самопомош,“ рече Али Вонг во „Бебе Кобра“ (го има на Нетфликс).

И навистина 30-и-кусур-годишните од сите страни се бомбардираат со наслови: како да си ги средиш финансиите, како да ти успеат врските, како да се навикнеш дека си така несигурен и глуп. А на сите им е заедничко што се прашуваат што носи нивната лична и професионална иднина.

Се размислува за деца или се јаде стапот како млад родител; бараш значење во нови работни места или бараш баланс после работење нонстоп додека си бил во дваесеттите. И за цело ова време, благодарение на социјалните мрежи, шпекулираш дека на другите им е боље, дека уживаат во посреќни врски, подобри кариери и позгодни тела.

Ова е секако очекувано. Го планираш животот, па животот ти се испречува на пат. Она што е ново е дека сме понесреќни од нашите предци кога имале 30-тина, веројатно поради поинакви желби и аспирации. Веќе ја имаме кризата на четврт-век - кога после факултет ќе се прашаш „И сега?“, но после 30 како да ја надминуваш таа просечна возраст на „нагло будење“. Сега знаеш што сакаш и кој си, ама не значи дека тоа така ќе функционира. А не си доволно стар за средовечна криза (ако воопшто постои).

Почнува да навалува економски притисок, па љубовен, па биолошки. Средната возраст кај луѓето што купуваат сопствен дом е 32 (ако можеш да си дозволиш да купиш со платата, долговите, економијата и цените по квадрат). А психолозите да можат да зборуваат за пациентите отворено - ќе зборуваат за неисполнети очекувања - „Досега требаше да сум во брак/да имам дете/да си ја сакам работата.“

„Ако луѓето се надеваат на брак, семејство или дека ќе бидат на одредено место во животот, обично се надеваат дека тоа ќе го постигнат до 30 и нешто,“ вели Саба Харуни Лури, семеен и брачен терапевт од Лос Анџелес. „И оние што успеале да ги постигнат овие работи, можат да се изненадат како тоа не се среќни колку што мислеле дека ќе бидат.“

Среќата достигнува врвови на различна возраст, но самата посебе е деликатен концепт. Во едно истражување, група од луѓе на 30 и група од луѓе на 70 биле прашани која група е посреќна. И двете групи одговориле дека се посреќни тие со 30, но кога почнале да ја истражуваат нивната субјективна благосостојба, 70-годишните добиле многу подобри резултати.

Значи, што е чарето? На 30 (и нешто), можеби сме конечно доволно возрасни да добиеме добар животен совет.

Не се споредувајте со другите.

Практикувајте благодарност.

Прифатете го овој прекрасно хаотичен, обичен возрасен живот што повеќето го водиме.

Не се држете ригидно до само една визија за сопствениот живот.

Бидете флексибилни и адаптибилни.

Разјаснете си што сакате, а што само мислите дека сакате и адаптирајте се на тоа.

И добредојдовте во средната возраст - тука притисокот е помал, а работите се многу појасни.

23 јануари 2020 - 14:55