
На социјалните мрежи и во медиумите, „girlboss“ веќе не е инспиративна етикета, туку поим што многумина го поврзуваат со токсична продуктивност, култура на прекумерна работа и „хасл“ и идејата дека индивидуалниот успех е решение за структурните проблеми со кои се соочуваат жените.
Културолозите и социолозите често го поврзуваат подемот на girlboss културата со периодот по глобалната финансиска криза во 2008 година. Тогаш, со таа економска несигурност, пораката беше едноставна: работи доволно напорно, гради личен бренд и успехот ќе дојде.
Особено влијателна беше приказната на Софија Аморусо, основачката на модната компанија Nasty Gal, која во 2014 година ја објави книгата Girlboss - стана бестселер, а терминот брзо се претвори во глобален бренд. Амбицијата, претприемништвото и самодовербата беа претставени како пат кон ослободување, ама за жал, следната деценија донесе поинаква реалност. Неколку од компаниите што станаа girlboss - симболи се соочија со финансиски проблеми, отпуштања и критики за работните услови. Истовремено, истражувања почнаа да укажуваат дека индивидуалниот успех на мал број жени не секогаш води кон поширока родова еднаквост.
„Girlboss феминизмот“ се фокусираше на жените кои успеале да стигнат до врвот, но многу помалку зборуваше за пристапот до градинки, платеното родителско отсуство, јазот во платите, или товарот на неплатената домашна работа. Со други зборови, вниманието беше насочено кон тоа како една жена може да стане директорка, а не кон тоа зошто многу други никогаш не добиваат еднаква шанса.
Во меѓувреме, пандемијата дополнително ги промени приоритетите. По години во кои зафатеноста се славеше како знак на успех, многу луѓе почнаа да размислуваат за работата поинаку. Прашањата за менталното здравје, прегорувањето и балансот меѓу професионалниот и приватниот живот станаа главен дел од јавниот дискурс. Особено помладите жени денес покажуваат помал интерес за естетиката на girlboss културата - за тие морничаво исти модерни канцеларии и таа бескрајна оптимизација на продуктивноста што доведе еден куп жени до прегорување. Наместо тоа, во фокусот се теми како флексибилност, финансиска сигурност, одржливи кариери и квалитет на животот.
Тоа не значи дека амбицијата исчезнала - напротив, истражувањата покажуваат дека младите жени остануваат високо образовани и професионално ориентирани. Но успехот сè почесто се дефинира пошироко, не само преку титули и приходи, туку и преку слободното време, здравјето, односите и личната автономија.
Затоа крајот на girlboss ерата повеќе наликува на преиспитување на цената и влогот што ги бара. А прашањето што сè повеќе жени денес го поставуваат не е како да работат повеќе, туку како да изградат живот во кој успехот нема да бара постојана жртва.