Светот одлучува дека не му се исплати размножување:

Крајот на бебињата

Во 2015-та, се појавија постери низ Копенхаген - еден, со розеви букви, со слика од кокошкини јајца и прашање „Дали денес си ги изброивте јајцата?” Втор постер, со сино и зголемен сперматозоид, со прашање: „Дали пливаат премногу бавно?”

Постерите се дел од кампања финансирана од градот, која треба да ги потсети младите Данци на тивкото чукање на нивниот биолошки часовник - и баш и не добија некои среќни реакции. Повеќе имаше критика што жените се сметаат за стока за размножување, а и тајмингот им беше трапав: на некои, тоа што некој ги убедува Данците да раѓаат, додека на телевизија се прикажуваат бегалци како се движат низ Европа, им личеше на некаква форма на нативизам. Д-р Сорен Зиебе, поранешен претседател на Данското друштво за плодност и еден од креаторите на кампањата, верува дека ваквите пораки, колку и да се рискантни, сепак се многу потребни. Стапката на раѓање во Данска е под нивото потребно да се оддржи стабилна популација и ова е вака со децении. А д-р Зиебе истакнува дека овој пад не е само поради тоа што луѓето намерно бираат да немаат деца: често - неговите пациенти се повозрасни парови и сингл жени што сакаат семејство, но им текнало подоцна.

Сепак, кампањата не успева ни да повлијае на нејзиниот таргет, што ја вклучува и неговата ќерка-студентка. Откако таа и неколку нејзини колеги го интервјуирале Зиебе, и тој имал прашања за нив.

„Им реков, сега знаете - добивте многу информации, многу знаење. Што ќе смените во вашите приватни животи? Одговорот беше - ништо. Ништо!”

Ако постои некоја земја што треба да не дигне глава од бебиња, тоа е Данска. Една од најбогатите во Европа, младите родители имаат 12 месеци породилно и многу способни градинки. Жените под 40 државата ги части ин витро. Но, стапката на плодност во Данска е 1,7 раѓања по жена. И не се само Данците; стапката на плодност опаѓа низ цел свет, во земји со средни примања, во сиромашни земји, но изгледа најмногу - во богати.

Ова оди под рака со економскиот развој и не мора да значи дека е нешто лошо. Во најдобар случај, рефлектира подобри образовни и професионални можности за жените, подобро прифаќање на нечиј избор да се биде без дете и подигање на животниот стандард.

Во најлош случај, сепак, рефлектира длабок неуспех: на работодавачите и владите да ги направат родителството и работата компатибилни, на нашата колективна способност да ја решиме климатската криза за децата да имаат некаква шанса; на сè поголемата нееднаквост во глобалната економија. Со вакви примери, да се нема деца или да се има помалку деца, не е толку до избор, колку што е до сет од непријатни услови.

Неколку децении истражувања и податоци покажуваат дека луѓето сè почесто се одлучуваат за помало семејство. Нешто нè спречува да ги создаваме тие семејства што тврдиме дека ги сакаме. Но, што?

На ова прашање има одговори колку што има и луѓе што имаат избор дали да се размножуваат. На национално ниво, објаснувањата се движат од недостаток на фемили-френдли политики во Америка на пример, до родова нееднаквост во Северна Кореја, до слаба вработеност кај младите низ јужна Европа. Се појавува и загриженост околу јавните финансии и стабилноста на работната сила, а во некои случаи придонесува и кон ксенофобија.

Но, ништо од ова не е важно за големата слика.

Моменталната верзија на глобалниот капитализам генерира шокантно богатство за едни, а финансиски проблеми за други. Ваквите економски услови создаваат социјални услуги тесно врзани со почнување семејство: Работната недела ни е подолга, а платите пониски, што ни остава помалку време и пари за средби, излегување и вљубување. Нашите монополистички економии бараат децата да добијат интензивно воспитување и скапо образование, што создава анксиозност околу животот кој би требало идниот родител да го обезбеди. А низ медиумите, пораките нè влечат кон други патишта: образование, работа, патувања.

Ваквата економска и социјална динамика се комбинира со дегенерација на сопствената околина на начин што тешко дека ќе охрабри раѓање: хемикалии и загадувачи ни навлегуваат во телата и ни го расипуваат ендокриниот систем. Секој ден, изгледа како пола свет да е во пожар, а пола под вода.

Грижата дека намалениот природен прираст е закана системите на социјална сигурност или идната работна сила е промашување на поентата - ова е симптом на нешто многу посериозно.

Станува јасно дека она што го сметаме за доцен капитализам - поточно, не само економскиот систем туку сите придружни нееднаквости, можности и апсурди - е непријатна средина за размножување. Ширум светот, економските, социјалните и еколошките услови функционираат како големо, едвај видливо контрацептивно средство.

И да, се случува дури и во Данска.

18 ноември 2019 - 13:55