Минатата недела, судот во Милано под судска управа стави дел од компанијата Валентино (Bags Lab Srl) поради соработка со производители обвинети за експлоатација на работници. Меѓу другото, судот утврдил дека спорните производители месечно изработувале околу 4000 ташни со потпис на Валентино, нивната производна цена била од 35 до 75 евра, а во продавница чинеле од 1900 до 2200.
Во седум погони, во околината на Милано, работниците живееле и спиеле во фабрики, без никакви документи и правна или здравствена заштита. Машините на кои работеле биле наштелувани да бидат побрзи, без да се води сметка за безбедноста на вработените.
Врз основа на потрошената струја, се утврдило дека се работело деноноќно, и за викенди и празници, што судот, исто како лани за случајот Диор, го проценил како злоупотреба на работна сила.
Според пресудата, Валентино Багс Лаб не го одобриле формално начинот на работа на производителот, но биле свесни како се работи и не реагирале, така што се заклучува дека го ставиле профитот над законот.
Во моментов, не се под кривична истрага, но производителите вклучени во ланецот на производство - се.
Миланскиот суд нагласува дека се работи за редовна пракса која во луксузниот сектор веќе прераснува во проблем, затоа што изработката се препушта на фирми што работат на граница на законот.
Валентино, заедно со Диор Италија, Армани и Алвиеро Мартини, се четврта луксузна куќа која од 2023 година од слични причини е ставена под судска управа.
А сепак, сите четири, а и сите други, воопшто не го менуваат начинот на комуникација со потрошувачите и понатаму инсистираат на истите приказни за квалитет, рачна изработка, почитување традиција и објаснувањата на цените на нивните производи кои од квартал во квартал сѐ повеќе растат.