Кога ќе изгубиш бебе - Есејот на Криси Тиген

„Немам зборови да изразам колку не ми е гајле што ги мразите тие фотографии. Колку не ми е гајле дека е нешто што вие никогаш не би го направиле. Јас го преживеав, избрав да го направам и овие слики не се за никој друг, освен за луѓето што го преживеале ова, или се љубопитни да видат како изгледа вакво нешто. Сликите се само за луѓе на кои им требаат. Размислувањата на останатите не ми се важни.“

Здраво,

Немав поим кога ќе бидам спремна да го напишам ова. Дел од мене мислеше дека ќе биде порано, кога сѐ уште силно ја чувствував болката од она што се случи. Мислев дека ќе седам во некој ќош на спалната, со едвај малку светло и ќе размислувам. Дека ќе пијам црвено вино, под ќебе и конечно ќе добијам шанса да раскажам „што се случило“.

Наместо тоа, пишувам од каучот на приземјето, сѐ уште под ќебе, но под импресии од утро поминато со друштво и похувано пилешко. Читам од безбројните забелешки во телефонот - мисли што неочекувано ми доаѓаа на ум во неделите што поминаа. Не знаев како ќе го почнам ова, без разлика во која соба и во каква состојба се наоѓам, но ми се чини правилно да почнам со благодарност. Со недели, подовите ни се преплавени со цвеќиња. Пораки доаѓаат од сите страни и секоја е прочитана со насолзени очи. Деновите ми беа исполнети со пораки од непознати на социјалните мрежи и најчесто почнуваа со „веројатно нема да го прочиташ ова, но…“ Ве уверувам дека ве прочитав.

Но, ќе ви кажам, некои од најдобрите писма почнуваа со „Не мораш да одговориш на ова, но…“ Откако го изгубивме Џек, се најдов загрижена дека нема да можам на сите да им се заблагодарам за нивната екстремна љубезност. Многу луѓе споделија неверојатни лични искуства, некои споделија книги и поеми. Сакам на сите да им се заблагодарам и да ја споделам секоја приказна. Но, знаев дека не сум во состојба. Мене пораката „не мораш да одговориш“ ми беше неверојатно олеснување. Ви благодарам на сите за секоја порака. Еден од важните моменти од тоа утро (или вечер? Немам поим.) беше кога се движев низ ходниците на болницата и Џон ми рече „Што, има некоја журка овде?“ Ете сме ние, нѐ возат на нов спрат, јас покриена со тенко ќебе за да се сокријам, знаејќи дека ќе го родам она што требаше да биде петтиот член на нашето прекрасно семејство, син, само за да треба да се збогувам моменти подоцна. А луѓе си радуваат и си се смеат на своето, што е разбирливо кога се раѓа нов живот. Навистина се прашуваш како некој може да мисли на било што освен на тебе. Во овој момент, веќе се имав помирено со тоа што треба да се случи: ќе добијам епидурал и ќе го родам нашето 20-неделно бебе, машко што немаше да преживее во мојот стомак (ве молам да ми извините за овие едноставни термини). Претходно ми наложија да бидам во кревет цел месец, само за да успееме да го додржиме до 28 недели, „побезбедна“ зона за фетусот. Докторите ми дијагностицираа делумна абрупција на плацента. Отсекогаш сум имала проблеми со плацентата. Морав да го родам Мајлс еден месец порано, затоа што неговото стомаче не добиваше доволно храна од плацентата. Но, ова ми беше прва абрупција. Ја набљудувавме внимателно и се надевавме дека ќе се залечи и ќе престане. Во кревет, крварев и крварев лесно секој ден, и си ги менував сопствените пелени на секои два часа кога крвта стануваше неудобна за седење. Всушност, станав експерт за пелени за возрасни и сама се забавував, и им се радував на брендови што навистина се трудеа што е можно помалку да се чувствуваш како бебе што кака во гаќи. Некои беа во боја, со нацртани деликатни цвеќенца. Стигнав до момент каде што знаев да кажам, „Тоа! Дај ми ги розевите!“ - нешто што не мислев дека ќе ме возбудува во животот. Но, ете така беше.

Тие денови можев да ги поминам и во болница, но немаше да има некоја посебна разлика. Сѐ уште ме прегледуваа доктори дома, и суптилно ги извртуваа нивните негативни зборови во позитивни, мислејќи дека сепак ќе тргне на подобро. Конечно, поминав многу тешка ноќ во кревет, после не-баш-добар ултразвук, кога крварев дури и повеќе од абнормалната количина. Крварењето стануваше се поголемо и поголемо. Течноста околу Џек се намалуваше сѐ повеќе - едвај можеше да плута.

После неколку вечери во болница, докторот ми го кажа точно тоа што го очекував - дека дојде време за збогување. Едноставно, нема да го преживее ова, и ако продолжи уште некое време, нема ни јас. Се обидовме со кеси и кеси трансфузии и секоја само поминуваше низ мене како ништо да не сме направиле. Доцна една вечер, ми кажаа дека ќе биде време да го пуштам следното утро. Прво плачев малку, па влегов во целосни конвулзии на солзи и мрсули, едвај способна да дојдам до здив од мојата неверојатно длабока тага. Дури и додека го пишувам ова одново ја чувствувам истата болка. Ми ставија кислород на нос и на уста и тоа беше првата слика што ја видовте. Бескрајна, комплетна тага.

Побарав од мајка ми и од Џон да ме сликаат, без разлика колку ми беше неудобно. Кога Џон не сакаше, му објаснив дека ми требаат и дека НЕ САКАВ никогаш да треба да го барам тоа од него. Дека едноставно мора. И го мразеше тоа. Се гледаше. Му немаше смисла во тој момент. Но знаев дека морав овој момент да го знам засекогаш, исто како што морав да паметам кога се бакнавме на олтарот, на истиот начин на кој морав да ги запаметам солзите радосници откако ги добивме Луна и Мајлс. И апсолутно знаев дека морам да ја споделам оваа приказна.

Немам зборови да изразам колку не ми е гајле што ги мразите тие фотографии. Колку не ми е гајле дека е нешто што вие никогаш не би го направиле. Јас го преживеав, избрав да го направам и повеќе од се, овие слики не се за никој друг, освен за луѓето што го преживеале ова, или се љубопитни да видат како изгледа вакво нешто. Сликите се само за луѓе на кои им требаат. Размислувањата на останатите не ми се важни.

Часови подоцна, можев да се опуштам и решив да чекам додека навистина не биде готово. Глупаво споредував кучиња што сум морала „да ги успивам во минатото“ - како никогаш не ми се пушташе додека не беше апсолутно време, кога веќе многу страдаа. Ова ѝ го пишав на докторката и таа ми пиша „апсолутно.“

Подоцна, отидов до тоалет, погледнав во вц-школката (како што правев со месеци) и повторно се расплакав. Самата количина на крв ми покажа дека дошло тоа што го чекав. Време беше.

Не сум сигурна дали некогаш ќе го заборавам искуството. Секогаш сум се шегувала дека обожавам епидурал… Овој не. Лежев таму со часови, чекајќи да ми кажат дека е време да туркам. Немаше многу за чекање, мал беше. Лежев на страна и менував страни на секој час, кога и да ми кажеше сестрата. Се сеќавам дека лежев на десна страна, гледав кон Џон и ми кажаа да сменам. Ги отворив нозете и почнав да се вртам, и го погледнав Џон и баш тогаш, тргна да излегува. Докторите малку викаа и… Не знам што да кажам, дури ни сега. Излезе. Мајка ми, Џон и јас сите го држевме и се простивме од него насамо, мајка ми плачеше и кажуваше Тајландска молитва. Ги замолив сестрите да ми ги покажат рацете и нозете и ги бакнував. Не знам кога запрев. Може беа десет минути, може беше еден час.

Не знам колку долго чекал да го извадат. Тоа веројатно секогаш ќе ме мачи. Само што го пишувам ова ми доаѓаат солзи. Само знам дека пепелта му е во мала кутија, чека да се стави во земја за дрво кај нас дома, во новата куќа, која ја купивме планирајќи ја и неговата соба.

Луѓето велат дека вакво искуство ти создава дупка во срцето. Дупка секако се направи, но беше исполнета со љубов кон тоа нешто што толку многу го сакаш. Не ми изгледа празна. Ја чувствувам полна.

Можеби и преполна, кога ќе размислам. Се фаќам како неочекувано се расплакувам, размислувајќи колку сум среќна што имам две бескрајно прекрасни дечиња што ја исполнуваат куќава со љубов. Ги гушам со бакнежи додека ми викаат „Мамо беееееее!!!“ Не ми е гајле.

Плачам и кога ќе се налутам на себеси што сум премногу среќна. Понекогаш читам нешто што ќе ме насмее, или ќе видам Инстаграм пост вреден за лајк (да, ме нема, но сѐ уште следам!). И цело време  заборавам дека не сум повеќе бремена. Се држам за стомак кога одам наоколу. Се вадам од памет кога децата ќе ми скокнат. Јасноста после вакви моменти ме растажува.

Жал ми е што нашето жалење беше толку јавно, затоа што и радоста ја направив толку јавна. Се радував да споделувам вести со светот. Приказните што доведоа до ова се сега документирани. Тешко ми е да ги гледам. Бев толку позитивна дека сѐ ќе биде во ред. Ми е криво дека на сите ви направив да ви биде криво. И секогаш ќе ми биде така.

Но, моментите на љубезност и нежност не беа ништо помалку од прекрасни. Еднаш во продавница,  касиерката ми стави цвеќиња во корпата. Понекогаш луѓето ми приоѓаат со напишана порака. Најлошиот дел е што знам дека има многу жени што нема да ги добијат овие тивки моменти на радост од непознати. Ве молам да си ги споделите приказните и да бидете љубезни со оние што ви ја отвораат душата. Бидете љубезни општо, затоа што некои ништо нема да отворат.

Овие непознати луѓе секогаш ми кажуваат дека животот тече понатаму, само на различни начини. Да не дозволувам некој да ми каже дека ова бил „божјиот план“, или дека „ќе си родиме друго“. Благодарение на вас, вакви работи ќе блокирам засекогаш.

Се грижам дека на луѓето ќе им биде непријатно да ми кажуваат убави вести. Во моментов сум опкружена со многу блиски трудни другарки и се колнам, ништо не ме прави посреќна. Ви ја знам радоста и ве сакам.

Ова го напишав затоа што знаев дека морам да кажам нешто пред да продолжам и да се вратам во живот, па навистина ви благодарам што ми дозволивте. Џек секогаш ќе биде сакан, објаснуван пред нашите деца како душа што постои во ветерот, дрвјата и пеперутките што ги гледаат. Благодарам до секој еден човек што нѐ мислеше и ни праќаше љубов и сопствена приказна. Имаме неверојатно многу среќа.

Со многу, многу љубов,

-Криси

29 октомври 2020 - 13:55