Незгодно ми е.

Како се промовираат луѓе што не сакаат да зборуваат за себе?

„Ми излезе новиот албум, купете го.” „Мојата книга можете да ја најдете таму и таму.” „Јас сум директор на *внеси влијателна фирма*.”Добив награда на меѓународно штоидае.” Кога ќе ги прочитаме овие работи по социјални мрежи ни изгледаат сосема нормално. Зошто тогаш ни е незгодно кога треба и ние вака да кажеме?

Наспроти напорни, самобендисани луѓе што сакаат постојано да зборуваат за себе и своите успеси, подгрбавени стојат еднакво (а често и повеќе) успешните што ги фаќа мука дури и кога треба да одговорат на прашање за нивниот успех, а не па самоиницијативно да прозборат на таа тема. Вториве немаат проблем да се истрескаат од земја за нешто добро што го направил некој друг. Не штедат на суперлативи, слично како и првите што не штедат суперлативи за самите себе. Ама пробај прашај ги „за што се работи во твојата книга”, како што ја прашале Мелиса Дал од The Cut, да видите како ќе се соберат како во школка. Нејзината книга е делумно и за самосвесност и срам, па и сама се прашува: Нели досега требаше да ми се јасни овие работи? И тука не завршува проблемот - на темава се обидела да зборува со клинички психолог, Елен Хендриксен и кога ѝ се јавила да ја праша, добила: „Леле и јас уште се мачам со тоа.” Инаку, Хендриксен има книга „Како да бидеш свој”, каде што пишува за надминување на проблемот со социјалната анксиозност. Па сеа вие видете.

Тогаш, каква е оваа бре, неосвоива тврдина? Ако сте во овие луѓе, тогаш најверојатно и ви е незгодно само да го читате ова, кога може докторкава што исто така треба да си ја промовира книгата наредниот месец да си мисли: „Цело време мислам дека ќе бидам досадна, дека луѓето ќе си мислат каков товар сум!”

Сепак, Хендриксен има некои добри совети (нели, секогаш знаеш да кажеш за друг), што може да помогнат следниот пат кога ќе треба да се пофалите. А не е дека само за книги, песни и албуми човек треба да се пофали, според Мелиса Дал. Некогаш е тоа одлично интервју за работа, некогаш прв дејт, некогаш забава што си ја организирал.

Пробајте да заборавите на тоа „себе” (self) од зборот „себепромоција” (self-promotion)

Добро, мразите да зборувате за себе. За среќа, тоа лесно се поправа: не зборувајте за себе. „Она што се обидувам е да не мислам на тоа како промоција на самата себе, туку како да промовирам некоја порака од трета страна, која не мора да значи дека сум јас,” вели Хендриксен. „Јас ја движам книгава, и да, јас ја напишав - но на крај, јас се радувам за книгата и информациите кои ги содржи и како може да им помогне на луѓето.” Пробајте да размислувате за вашето достигнување, какво и да е, како нешто одвоено од вас. Нели заслужува да биде видено?

„Ако создадам дистанца меѓу мене и моето дело,” продолжува Хендриксен, „и можам да го покажам и да речам ова е супер, ова ќе ти помогне, прочитај го!, тогаш ми е многу поудобно да излезам и да го промовирам.”

Преправајте се дека играте улога

Мислете на себепромоцијата како улога во која повремено влегувате и излегувате. Обичниот Ти можеби мрази да зборува за себе, но Ти Од Интервјуто За Работа? Нема проблем. Има нешто во оваа рамка што многу помага, можеби затоа што акцентот е на таа привременост; рефлекторот е на тебе само на кратко, па ќе се сврти.

Хендриксен истакнува дека многу од нејзините пациенти кои се борат со социјална анксиозност немаат никаков проблем да говорат јавно или да играат во претстава - нешто што има јасна структура. „Ако некој те избутка напред и работава е ‘Ајде, излегувај. Забавувај!’ би било парализирачки. Но ако е нешто научено, ако има некаква цел, тогаш станува многу полесно. Станува улога. Не си ти. Улога е.”

Тоа е фин начин да се изиграш себеси да правиш нешто што не сакаш да го правиш. Но после тоа, подзастани и ментално спои ги тие две верзии од себе. „Ако се свртиш и ти текне дека што туку си оддржал говор пред 500 луѓе, тогаш можеби ќе ти текне дека најверојатно те бива за тоа,” вели Хендриксен. „Гледајќи се себеси како го правиш тоа, почнуваш да веруваш дека можеш.”

Не ја чекај самодовербата

Имаме тенденција да мислиме дека мора да ни се прави нештото пред да го направиме. Чекаме мотивација пред да одиме на трчаме, чекаме инспирација за да седнеме да пишуваме. Понекогаш, ако имаш среќа стварно е така. Но многу често, според Хендриксен, чувството следи по дејството.

„Не можеш да се затвориш за да читаш и да работиш на себе, па после самоуверен да излезеш во светот,” објаснува Хендриксен. „Самоуверен стануваш правејќи работи што знаат да бидат малку тешки, со растење и терање себеси да се растегнеш малку. И како што ги правиш тие работи, самодовербата те стигнува.”

А да, книгата на Мелиса Дал се вика Cringeworthy. Се работи за психолошката наука зад срамот, чудноста и сè што ти прави незгодно. Како на пример себепромоција.

15 февруари 2018 - 11:00