Како да се прифати внатрешниот оптимист

Ви останува ли оптимизам за користење, после цел ден на социјални мрежи?

На пример, сликава е преубава.

Затоа што, постојат луѓе што цело време се среќни и гледаат на светлата страна, а чашата им е секогаш полуполна, никогаш полупразна. Природни оптимисти.

Наспроти нашиов песимизам, што всушност може да се толкува и како реализам.

Но, според истражувања, оптимизмот носи придобивки, па, може треба да поработиме на случајот.

На пример, оптимизмот го продолжува животот за 15 проценти, што значи може да го крене просечниот животен век до над 85. Научниците од истражувањето спроведено од Американската национална академија на науки, веруваат и дека ова е здрав начин на продолжување на животот, без болести и инвалидитет каков што може да се очекува во староста, што значи дека, пригодно, иднината ни е светла ако се истренираме да размислуваме позитивно.

„Мозокот ни е дизајниран да ја гледа чашата полупразна и тој автопилот мораме да го прекинеме и да почнеме со поинакво размислување,” објаснува Мила Ласелс, советник за здравје, за Вог.

Како се почнува со поинакво размислување?

На пример:

Бидете присутни

Значи, да се живее во моментот и да се искусува животот како што доаѓа води до поголема смиреност. „Многу луѓе се измачуваат бркајќи ја среќата и живеат преокупирани со идејата дека среќата им лежи во следниот дом, следната работа и следниот партнер,” вели Ласелс. „Додека не се откажеш од идејата дека среќата е некаде на друго место, никогаш нема да биде таму каде што си ти.” Препорачува во календар да се става потсетник за да размислиме што правиме во моментот, како дишеме и што размислуваме. Со тек на време ни потсетник нема да ни треба.

Запишувајте за што сте благодарни

Секое утро запишете, или барем размислете за што сте благодарни во животот. Нека бидат три работи - човек, задоволство и ветување, на пример, како што препорачува Ласелс. Може да е нешто сосем тривијално, но ако запрете и го запишете тоа, ќе има позитивно влијание на начинот на кој размислувате.

Марш надвор

Природата влијае крајно позитивно на менталното здравје и ова е досега милион пати документирано. Според истражувања, 50 минути прошетка во градски парк го подобрува расположението, меморијата и вниманието кај повеќето луѓе. Додајте уште 40 минути на тоа и ќе забележите промени во размислувањето кои го заштитуваат мозокот од депресија. Излегувањето ги регулира нивоата на кортизол, што значи дека поретко ќе страдаме од анксиозност, лошо расположение и стрес.

Ако ништо друго, вреди да се проба.

18 октомври 2019 - 17:49