Јапонките против штикли на работно место

Јуми Ишикава, актерка и модел започнува дискусија на национално ниво, за сексистичките правила на работно место во Јапонија, кои на жените им налагаат да носат штикли. Соодветниот хаштаг? #KuToo.

Терминот е од јапонските зборови kutsu (чевел) и kutsuu (болка), а другото е веќе јасно дека е игра со хаштагот #MeToo.

Од жените во Јапонија секогаш се бара да носат штикли на работа, како дел од строгите дрес-кодови наметнати од работодавците. Со нејзиниот твит на темата, Ишикава сака фокусот да го сврти кон овие сексистички политики, заради кои многу жени мораат секојдневно да се справуваат со плускавци и болка. Инаку, била принудена да го напушти работното место како рецепционерка во хотел затоа што трпела болка од штиклите секој ден.

Ишикава не сметала на тоа дека твитот ќе стане вирален. А од моментот на објавувањето, споделен е 30.000 пати, а веќе масовно се споделуваат и фотографии од отечени стопала, сите под хаштагот #KuToo.

Охрабрена од бранот поддршка, Ишикава започнува онлајн петиција, барајќи од јапонскиот министер за здравство да ги спречи компаниите да диктираат каков вид чевли ќе носат нивните женски вработени. Во моментов, петицијата има 17.000 потписи.

Им држиме среќа, стоење и одење на штикли по цели денови знае да биде хорор. Особено е непотребно во денешно време кога има патики што се истовремено удобни и фешн стејтмент како што некогаш можеа да бидат само штикли и чизми.

17 април 2019 - 13:56