Во 2021, авторката, поетеса и учителка Кејт Кланчи доби една недобредојдена награда - за најлиберален автор што досега го откажале. Пофалената книга „Едни деца што ги учев и што тие ме научија мене“, за нејзиното искуство со предавање поезија на деца од ранливи категории низ Велика Британија доби Орвелова награда во 2020. Но, една година подоцна, благодарение на неколку реченици од книгата што се споделуваат надвор од контекст на социјалните мрежи, се најде јавно понижена од страна на денешните самопрогласени чувари на моралот. Од аплаузи за доближување на поезијата до децата од работничката класа, до понижување до степен да прифати преправки на нејзините дела за некој осетлив да не се навреди.
Се објави и дека плановите за „освестена“ верзија на книгата пропаднале - и тоа не затоа што тоа секако беше ужасна идеја, туку затоа што Кланчи и нејзиниот издавач - Пан Мекмилан одлучиле да се разидат по „заеднички договор“.
Изјавата на издавачот е:
„Пан Мекмилан нема да објавува нови наслови или било какви обновени изданија од Кејт Кланчи и ќе ги врати правата и ќе престане со дистрибуција на ‘Едни деца што ги учев и што тие ме научија мене‘ и другите нејзини дела.“
Ова е ужасен обид издавач да се дистанцира од авторка и нејзините дела. Реченици што не се сметале расистички во времето на објавувањето, веќе не се вклопуваат во тестот за чистота на Пан Мекмилан. И бидејќи самата Кланчи е „извалкана“, сè мора да лета. Нејзините книги се пуштени низ дупка на заборавот, да избледат од јавната свест. Ова е повеќе од кукавички - одвратно е.
Кланчи не е само откажана. Прав е направена. А злосторот? Опишала ученик со азиско потекло дека има „очи како бадеми“ и за црно дете напишала дека „кожата му е како чоколадо“. Не дека на децата им пречело - едно дури и напишало „Јас навистина имам очи како бадеми“ за Тајмс. Неколку од нив се собрале да напишат отворено писмо и да ја пофалат „недвосмислената грижа и подршка“ што Кланчи секогаш им ја покажувала.
Околу искуството на тоа да се биде откажан, Кланчи зборува за „силата, јасноста, итноста и идеите за самоубиство што доаѓаат заедно“. Но, ова не ја спаси - грешникот мора да биде казнет и да страда. Во случајот на Кланчи, Пан Мекмилан мора да се прочисти од неа.
Искуството на Кланчи мора сите да нè освести - нејзиното откажување почна откако само неколку читатели на Гудридс и Твитер ја обвинија за расизам, класизам и ејблизам. Но, што па ако на некои луѓе не им се допаѓа одредена книга? Ниеден автор не очекува да им се допадне на сите во секое време. Издавачите треба да се спремни да ги бранат авторите со кои работат. Идејата за преправки и откажани договори ја одзема моќта на авторите и ја носи во рацете на критичарот што вреска најгласно.
Големите издавачи како да не ги носи веќе желбата да заработат од авторите. Како да не им е ни гајле да донесат знаење или книжевни заслуги до јавноста. Наместо тоа, многу денешни издавачи гледаат на себе како на чувари на моралот, ги поминуваат книгите низ тестови за политичка чистота и ги сервираат само тие што ќе го поминат.
Со откажувањето на Кланчи, Пан Мекмилан веќе нема ни да ја дистрибуира „Пријател: Поеми за млади“, планираната антологија на поезија напишана од многуте разнолики групи на деца со кои Кланчи има работено последниве години. Требаше да излезе во март. Кланчи може го јаде најдебелиот стап, но кога издаваштвото ќе се „освести“, сите страдаме.