Инфлуенсерско просјачење или корпоративен инат кон новото време?

Српскиот Твитер (а со тоа и македонскиот) излуде од еден секојдневен инцидент на силна инфуленсерка што на ресторан му понудила соработка (читај: бесплатен оброк за Инстаграм-стори), и скоро па бесно била одбиена. Повеќето го бранат ресторанот, неколку ја бранат нејзе. А во средина стои прашањето - што прави Балканот во однос на многу реалното постоење на инфлуенсерскиот маркетинг?

Балканот касни, се глупира, негодува и гледа да измкне нешто беспари, како и секогаш, е краткиот одговор на тоа прашање.

Но, да разглобиме. Некое девојче со многу илјадници следачи на ТикТок, Инстаграм, Твитер, се обраќа на ресторан со понуда за соработка. Ресторанот вика „што тоа“, девојката одговара „па ја као, знаете доаѓам со другарка, бираме што ќе јадеме, ни го давате тоа беспари, па ја го закачувам као тоа на стори, слики ставам, препорачувам и вие имате реклама,“ и знаете како тоа звучи на инфлуенсерско-српски. Од ресторанот, забележливо (и непотребно) изнервирани, ја откачуваат, а притоа и (видно уверени дека ќе одбие) ѝ нудат да си плати, па тие во договор со неа да ги донираат парите каде што треба (види тука). Со овој хуманитарен пристап беа брукани други странски инфлуенсери, со тоа што беше попаметно смислено - инфлуенсерот да си плати оброк, а ресторанот во негово име да почасти со оброк човек што не може да си дозволи, што на инфлуенсерите ич не им одеше во прилог, замисли.

Од остри зборови, се преминува во вреѓање и други балканштини.

Девојчето забезекнато од односот, споделува на ТикТок колку непрофесионално се понеле од ресторанот, притоа, заборавајќи дека реално, прашањето е: Нели ти е бе, малце глупо да бараш да те частат затоа што „си инфлуенсер“? Сам да си пишеш, „ај почастете ме“, наместо да си платиш оброк, и сепак да го пофалиш местото ако е за фалење, па ако стварно влијаеш, понудите сами ќе се наредат?

Ако си стварно инфлуенсер, ресторанот сам ќе части, бутикот сам ќе прати облека и додатоци, а тој што прави услуги сам ќе сака да ти направи и на тебе.

А можеби и не, затоа што паричката има и друга страна.

Другата страна е нетрпеливоста кај мали и големи фирми кон новото инфлуенсерско време и новите форми на маркетинг кои сакале ние или не, се тука и допрва ќе еволуираат. Паметно смислена кампања во соработка со инфлуенсер (притоа да нема моронски хаштагови и кринџ изјави и слики) може да донесе многу повеќе клиенти од билборд, реклама на телевизија или нешто слично застарено. И тука сме назад, затоа што ако малку истражите, ќе видите дека се разликуваат фотографии, видеа и продукција кај, на пример хрватски и македонски инстаграмџија, во иста кампања. 

Уште еден чекор наназад? Покрај продавачи што се бунтуваат против инфлуенсерски маркетинг, има и такви што се скроз оперирани - левел човек што станува од маса и не си ја плаќа пијачката. На пример, во друг случај, блогер познат на редакцијата, со 50.000 следачи на Фејсбук, си купува книга од некое патување и си пишува осврт на блогот, кој после го споделува со истите 50.000. Книгата е на англиски. Некое време подоцна, му пишува македонска издавачка куќа, да го извести дека

„Книгата ја преведовме ние, ја има во нашите продавници, можете да го допишете тоа во постот.“

И праќа линк.

Бидејќи човекот веќе ја има книгата во оригинал (кој е патем, незаменлив, колку и да е добар преводот), нема никаков проблем со додавање на линкот, ниту му треба книгата на македонски. Сепак, најекспериментално, на претставникот на издавачката куќа му вика,

„Баш убаво, многу ме интересира дали е успешен преводот на македонски, не е баш секојдневна книгата.“

...на што издавачот одговара со

„Да, добар е преводот.“

И толку.

Линкот е ставен во постот, бесплатно. Издавачот е и понатаму удрен со мокра чорапа.

Сфаќате ли колку ич не нѐ бива? Блогерот треба да го стави линкот во пост, исто колку што ресторанот треба да ја почасти инфлуенсеркана од погоре. И обратно, таа очекува да добие бесплатен оброк, исто како што издавачката куќа очекува да добие бесплатна реклама. И за двете ствари некој работел и градел, и истовремено, прашаните скоро ништо не ги кошта „да почастат“. Ама до усулот е. До тоа колку е страната што бара еснафски расположена.

Како да не е доста немањето усул и недокваканоста на „обесправените“, кај нас се стига и до „што се замишљаш“, кога многу лесно може да се заврши со „не фала, пријатно.“ Па, ако после „не фала, пријатно“ се стигне до „олош, просјачење, сељачини“, тогаш веќе има место за згрозување од нечиј непрофесионализам.

И на крај, додека лажните инфлуенсери се расправаат со незадоволни фирми, вистинските професионалци работат со полна пареа. Останува уште Балканот да излезе од својата чаура и да се отвори за трендовите што допрва следат, затоа што, да се потсетиме, до лани немаше ТикТок. Којзнае што носи 2021.

30 август 2020 - 20:52