
Повеќето се воодушевени од новото видување на класичната готска приказна и го нарекуваат ремек-дело, но истовремено негодуваат што не им била дадена прилика првото доживување да им биде во кино. Филмот бил пуштен во кино-сали во Њујорк и Лос Анџелес, па потоа во само неколку избрани сали низ САД, и на крај пуштен на стриминг на Нетфликс. Има и специјален вебсајт каде што може да се провери дали го има во кино „блиску до вас“.
И има вакви коментари:
„Колку подолго го гледам Франкенштајн, толку сум поубеден дека ова е најдобриот и најубавиот филм во продукција на Нетфликс, и сè полут станувам поради фактот што ова не припаѓа на стриминг платформа, туку во кино.“
Некои не се толку размуабетени:
„Пуштете го во повеќе кина, идиоти.“
Не се знае зошто избрале филм кој навистина е визуелно преубав да не го стават масовно на големи платна, но сигурно е дека вреди да се гледа, затоа што после долго време испостеност, добиваме филм на кои се посветени вистински луѓе, со нивната вистинска вродена уметност (не вештачка интелигенција), лично избрани од Дел Торо.
Гледајте го, ако не заради приказната која што иако е толку пати обработена - секогаш е свежа, тогаш заради актерската игра, кадрите кои често личат на уметнички слики и костимите што се навистина магични.