Луѓето се робови на навики и рутина и ако ни потрае социјалново дистанцирање, некои индустрии може да имаат проблем со враќање назад доколку навиките на потрошувачите драматично се променат.
На пример, во моментов не работат теретани. Луѓето почнуваат да вежбаат по дома и полека да нарачуваат сѐ што ќе им се понуди по Фејсбук огласи - тегчиња, појаси, вреќи за бокс, траки за трчање, собни точаци и орбитрек - и ако им се создаде навика да вежбаат дома, пред или после работа, и ако им се допадне отсуството на чекање ред за справа, теретаните тешко дека ќе спојат крај со крај. Стартапот за вежбање и велнес - cure.fit, отпушти 800 вработени, трајно затвори голем број на фитнес центри и размислуваат да одат скроз дигитално, според Ројтерс. Дури и да отворат пак, останува препораката за дистанца и стравот од закачување корона, па може овде да им е крајот.
Не дека е некое изненадување, ама короната ги утепа и онака веќе измачените кина - не само што се затворени, туку и колку подолго ќе остане така, толку понормално ќе биде новите филмови да се дочекуваат на стриминг-сервиси како Нетфликс. Веќе и се докажа дека пуштање на филмот директно на Нетфликс воопшто не го повредува финансиски - оној детски филм за Тролови веќе заработи милиони, а беше само на стриминг - што дополнително ја закопа кино-индустријата и покажа дека кина веќе, колку и да е жално - не се баш потребни.
Канцеларии - не дека секоја голема корпорација ќе ги затвори канцелариите, но сигурно е дека многу од нив сериозно ќе размислат да се префрлат во помали, поевтини простори или ќе се откажат од нив сосема. Вирусот присили многу луѓе да работат од дома, а животот и бизнисите продолжуваат. Истовремено, на луѓето може да не им се враќа на сто саати патување со јавен превоз и стегање во каиши и кошули, откако година дена работеле во пижами. Плус, и да треба назад во канцеларија, ќе треба сериозна преадаптација на просторот за сите да бидат безбедни и да нема ризик од зараза. Затоа и на компании што плаќаат стотици и илјадници евра за поголем простор може да им засветкаат очите за мали простории каде што само тие што ќе мораат ќе доаѓаат.
Фризерите издржале сешто, и може ќе се опорават, ама нивното никогаш нема да биде исто.