Имаме нова дијагноза за секирање: Токсична продуктивност

Што, мислите дека конечно научивме што е burnout и дека тоа ни е, прегорени сме? Демоде е тоа. Токсична продуктивност е новото. И како најнова дефиниција за изнудувањата на капитализмот стварно има смисла и се совпаѓа со многу индивидуални ситуации во моментов.

Ако уште не сте го сретнале терминот, тоа е најверојатно затоа што немате ТикТок, или едноставно уште не сте налетале на некој твитер-инфографик што го објаснува. Дури и Џордан Питерсон се вклучува во објаснувањата.

Главно, многумина од нас страдаат од квази-медицинска состојба што нѐ тера цело време да го поминеме во работа, притоа без да можеме да посветиме доволно време на одмор и занимливости. Се опишува како „нездрава желба нонстоп да се биде продуктивен, по секоја цена… Потребата да дадеш уште малку, дури и кога не се очекува тоа од тебе.“ Поточно, работиме премногу, не затоа што ни требаат пари или заради надворешни притисоци, туку затоа што сами сме се довеле во таа ситуација со нашиот разрушен начин на размислување.

„Често, дискусијата за токсичната продуктивност се фокусира на индивидуални однесувања или ставови,“ објаснува Амелија Хорган, академик и автор на книгата Изгубени во работата: Бегство од капитализмот. „Има многу луѓе што би рекле за себе дека страдаат од ова. Не мислам дека мора да значи дека е погрешно и ваквите описи може многу да им се најдат на луѓе што се обидуваат да си го објаснат стресот од работа. Но мислам дека фокусот на индивидуално однесување е всушност барање на погрешно место. Ако има штета од овој начин на однесување кон себе, кон другите и кон времето, а мислам дека има, тогаш треба посериозно да го сфатиме ова, наместо да чекаме да си помине само од себе. Треба да се запрашаме од каде доаѓаат ваквите ставови. Како и со burnout-ot - прегорувањето, посегнување по вакви етикети понекогаш ги измазнува позадинските услови што ги предизвикуваат со тоа што ќе ги претставиме како личен медицински проблем што лесно се поправа.“

Терминот burnout се појавува прв пат во 1973, а како и таа состојба, токсичната продуктивност можеби постои со децении, но во новава ера, тесно е поврзана со аспиративниот животен стил. Сепак, во своето јадро, токсичната продуктивност е само близок помлад роднина на тезгарската култура (кога „чепкаш“ 20 ствари одеднаш). Тезгарската, или hustle култура вика: Работам секој божји саат и ова е за восхит, плус е доказ за мојата силна волја и вредно е за фалење.“ Токсичната продуктивност пак, од друга страна сака да каже: „Работам цело време и ова е веќе премногу.“ Што е во ред, преработувањето е постоечки проблем и треба да ни биде дозволено да се пожалиме.

Сепак, ни токсичната продуктивност не може да ја избегне дамката на самозадоволно скромно фалење. Симптомите вклучуваат закажување Зум-повик што можел да биде и мејл и зборување во жаргон, за колегите да мислат дека си многу паметен. Тврдењето дека страдаш од токсична продуктивност може да личи и на модерен еквивалент на моментот кога на интервју за работа кажуваш дека најголем недостаток ти е тоа што си преголем перфекционист. Не е толку страшно да си кажеш, ама ако постојано гњавиш колку си работлив, не е важно колку тажно звучиш: сѐ уште придонесуваш кон истата култура на преработување што имаш намера да ја критикуваш. Сите сме виделе некој што го следиме на социјални мрежи како меле колку е зафатен и сме си рекле „ќути више“. Ваквиот перформанс иритира, но разбирлива е привлечноста на гледање себеси како маченик на еден проблем поинтересен од лошо хендлање на време.

Циклусот на мачеништво нѐ охрабрува да си премолчиме пред себе одредени идеи за работата што не ни се од помош. Проблемот со преработувањето не е резултат на нашата внатрешна психа. Поглемиот дел од луѓето се преработуваат заради обврска, не заради компулсивност. На секој фриленс креативец што се секира дека треба да пушти некој поедукативен подкаст додека се бања, има уште неколку што работат премногу затоа што немаат друг избор. Можеби не се доволно платени, може се на определено, може шефот е гомно, или работат во индустрии каде што неплатено прекувремено работење е стандард.

Токсичната продуктивност постои, но не ни е само во глава. Преработувањето е вистински проблем и јасно е дека многу луѓе се мизерни, под стрес и истоштени. Има политички решенија, но ниедно не е брзо и лесно.

„Подобра сигурност на работното место и поголема контрола за доделување смени би направиле значајна разлика,“ вели Амелија. „Толку многу луѓе не знаат која смена ќе бидат следната недела. Треба повеќе да се бориме за слободно време, но и за подобро поминато време, време што нема да ни го прекинуваат мејлови од работа, или шефот да бара да дојдеш да преземеш нечија смена.“

Ако сакаме да ги постигнеме овие подобри услови, тогаш веројатно треба да направиме повеќе од ублажување на сопствените ставови, лечење со миризливи свеќи и скромно фалење за тоа колку сме зафатени на интернет.

28 мај 2021 - 10:58