Има ли надеж за интернетот?

Дали е можно дигиталниот свет повторно да стане место на грижа, љубов и заедничко добро?

Во 2001 година, една теоретичарка предупреди на културна клима во која љубовта е маргинализирана. Во нејзината книга All About Love: New Visions укажуваше на недостатокот од јавна расправа за значењето и практикувањето на љубовта во општеството. Во истиот период, интернетот се наоѓаше на критична раскрсница. По дот-ком крахот, многумина се сомневаа во неговата иднина. Но технологијата не само што опстана, туку стана суштински дел од секојдневниот живот - преку паметните телефони, алгоритмите кои ја анализираат човечката личност, па дури и преку создавање паралелна социјална реалност.

И покрај оваа интеграција, интернетот ретко се опишува како простор исполнет со емпатија, соработка и општа грижа. Напротив, бројни студии укажуваат дека социјалните мрежи поттикнуваат изолација, отуѓување и конфликти - делумно и поради алгоритмите што наградуваат однесувања како провокација, навреда и дигитална агресија.

Современите социјални мрежи се базираат на економски модел што зависи од вниманието, емоциите и креативноста на корисниците. Дури и пасивното користење  како континуираното скролање, претставува облик на интеракција што троши време и енергија. И веќе на сите ни е јасно дека корисниците често се третираат како производ, бидејќи нивните лични податоци се собираат, а нивните емоции се анализираат и искористуваат за зголемување на профит.

Терминот „enshittification“, создаден од писателот Кори Докторов, ја опишува постепената деградација на корисничкото искуство онлајн - како резултат на сè поинтензивна експлоатација од страна на платформите. Ова води до циклус на токсични интеракции, зависност и намалена благосостојба. Наспроти оваа динамика, постојат примери кои укажуваат на можност за поинаква дигитална култура. Еден таков пример е Википедија - непрофитна, волонтерска енциклопедија што и денес функционира без реклами, алгоритамски награди или конкуренција меѓу корисниците. Википедија демонстрира модел на колективна, демократска и неексплоататорска размена на знаење.

Покрај неа, постојат и апликации како Signal и Proton Mail, кои ставаат акцент на заштита на личните податоци и транспарентност. Нивната работа укажува на сè поголемиот интерес за дигитални алатки кои не се мотивирани од профит, туку од јавен интерес.

Во 2021 година, иницијативата #BlackTikTokStrike претставуваше значаен пример за дигитален отпор. Црни креатори на TikTok организираа штрајк, реагирајќи на неправедно третирање од алгоритмите на платформата. По реакцијата на јавноста, TikTok се извини и вети подобра застапеност. Овој случај покажа дека корисниците можат да се мобилизираат и да бараат фер услови и признавање на својот труд.

Дополнително, организации како кооперативата Sulá Batsú од Костарика развиваат феминистички технолошки политики кои промовираат инклузивност, дигитална агенда и колективно јакнење. Тие се спротивставуваат на културата на омраза и дискриминација што често доминира во дигиталните простори.

Истражувањата сугерираат дека еден од најголемите проблеми на интернетот е анонимноста и намалената перцепција за другите како вистински луѓе. Јавните дискусии во текстуален формат често ја искривуваат комуникацијата и поттикнуваат деградација на односите.

Некои платформи, како Клабхаус, се обидоа да воведат човечки елемент преку аудио-разговори. Сепак, се соочија со критики за нетранспарентни политики и слабости во заштитата на приватноста.

Можните идни развои вклучуваат создавање на платформи кои ја поддржуваат визуелната и гласовната интеракција - со минимално собирање на податоци, без поттикнување на конфликт и без алгоритамска експлоатација. Такви решенија би можеле да понудат поемпатична и автентична форма на онлајн поврзување.

Иднината на интернетот не мора да биде детерминирана од профитните интереси на неколку глобални платформи. Постојат веќе постоечки примери - како Википедија, кооперативни технолошки иницијативи и апликации ориентирани кон грижа, кои покажуваат дека е можно да се замисли дигитален простор кој го поддржува колективниот напредок, еднаквоста и човечката поврзаност.

Прашањето останува: дали овие модели ќе останат исклучок, или ќе станат основа за редизајн на дигиталната култура во правец на заедничко добро?

Тешко е да се биде оптимистичен, ама ај, да пробаме.

7 август 2025 - 16:11