Хостелите веројатно не се тоа што мислите

Што ви паѓа на памет прво кога ќе го чуете зборот „хостел”? Собрани 20-и-кусур-годишњаци на беснеење? Смрдливи хипи-типови што шетаат боси по светот? Филм што успеа да комбинира доволно малтретирање и покољ да оштети цела една генерација?

Или можеби дека хостелите знаат да бидат и подобри од хотели, дека можеш да запознаеш луѓе, дека можеш да доживееш прејаки работи, а притоа да платиш само дел од цената што би ја платил во хотел?

Џефри Морисон за Њујорк Тајмс пишува дека хостелите не се тоа што мислиме, барем - повеќе не. Секој хостел е различен, и Морисон бил во над 100, на шест континенти, па смета дека може да понуди неколку општи забелешки.

Што има денес по хостелите?

Во најопшта смисла, хостелот е како хотел, освен што обично треба да делиш купатило. За најниските цени, делиш и соба. Исто така, повеќето имаат кујна и дневна (како заеднички простор за обитавање и уживање). Најобична заедничка соба има 4 кревети, поточно два пати кревети на спрат, а повеќето хостели имаат и соби со повеќе кревети, уште поевтини, а и со помалку, за нешто повеќе пари. Само хостели на места кои важат за многу туристички имаат соби со по 12 или повеќе кревети.

Колку повеќе луѓе во соба, толку поевтино, ама сепак само за по неколку евра. Освен ако не сте ептен со броени пари, помала соба ќе биде помирна и ќе вреди за парите. Повеќето хостели имаат и приватни соби, најскапи им се, но сепак поевтини од хотел. Супер се за парови, семејства, па дури и некој што патува сам, а сака да отспие како што треба.

Bed & Bike, Барселона

Со креветот, чаршавите и перницата, речиси секогаш ќе имате шкафче со клуч за торби или вредни предмети. Исто како хотелите, речиси сите заклучуваат навечер и имаат клучеви, картички или шифри за да влезеш и во хостелот и во собата. Некои имаат и соби со купатило, што го делиш со луѓето што ти се во соба (што може да е и цело твое друштво ако патувате заедно, или семејството).

Многу, многу ретко има возрасна граница во хостелот. Морисон има 40 години и ретко е меѓу најстарите, ама просечната возраст е помала. Истовремено, речиси сите имаат минимум дозволена возраст за одредени работи. Ако имаш помалку од 18 не можеш да спиеш во соба со сто кревети, на пример. Скоро сите имаат само женски соби, иако повеќето се мешани.

Како се наоѓа и се букира добар хостел

Исто како хотелите, и хостелите имаат сајтови за букирање што помагаат да изберете. Hostelworld и Hostelz се најголемите. Има коментари од гости, листи со ствари што ги нудат и што е најважно - слики.

Les Piaules, Париз

Сликите раскажуваат приказна и директно и индиректно. Ви требаат како информација и покрај описот. Да, може да се види како изледа хостелот, но се добива и идеја за концептот. Дали на сите слики има луѓе што пијат? Парти-хостел. Дали има слики од луѓе како читаат или играат игри? Веројатно е опуштено.

Бидејќи веројатно ќе го делите просторот, бидете внимателни и за себе и за вашите работи. На пример, не грицкајте чипс во 1 по полноќ. Не оставајте смрдлива храна на кревет. И она што најмногу знае да нервира - не користете пластични ќеси кога пакувате. Не постои нешто погласно од човек што се пакува во пластични ќеси во 5 сабајле.

Но, најбитниот совет на Џефри Морисон:

Кажете здраво и претставете се. Повеќето луѓе во хостели патуваат сами. Скршете ја тензијата со насмевка и ракување. Сепак ќе живеете со овие луѓе барем една вечер, а неретко и повеќе. Може и ќе се спријателите, дури и ако во опис на карактер ви стои интроверт и мизантроп.

Хостелите не се совршени и се разликуваат од земја до земја. Треба и да се навикнете на фактот што спиете со непознати, но за сметка на тоа, ќе можете да патувате подолго и за помалку пари. Особено ако веќе размислувате да букирате во евтин, а сомнителен хотел. Затоа што, може да се погоди и лош хотел и лош хостел, ама хостелите се многу полесни за варење кога ќе ти текне дека за лош хостел даваш само дел од сумата што ќе ја дадеш за лош хотел.

9 септември 2019 - 12:50