
Оставањето навредливи или агресивни коментари на интернет често се доживува како едноставен излив на бес или фрустрација. Не дека не е едноставно понекогаш, но сепак, психолозите и невронаучниците во поново време се обидуваат да објаснат зошто толку многу луѓе чувствуваат потреба да реагираат остро под објави, видеа или вести. Дел од одговорот лежи во начинот на кој функционира човечкиот мозок и во улогата на невротрансмитерот допамин.
Допаминот, за кој сè почесто читаме, често се нарекува „хормон на награда“, и е хемиска супстанца во мозокот која се поврзува со мотивацијата и чувството на задоволство. Значи, кога правиме нешто што мозокот го доживува како наградувачко - било да е тоа вкусна храна, пофалба или победа во расправија - се активира таканаречениот систем за награда во мозокот.
Истражувањата од областа на социјална психологија покажуваат дека јавното изразување силни ставови, особено кога станува збор за морална осуда или гнев, може да предизвика кратко чувство на задоволство. Кога некој пишува остар коментар, тој не само што ја искажува својата позиција, туку и испраќа сигнал за сопствениот идентитет и вредности. Самото тоа чувство дека „се зазема страна“ може да биде психолошки наградувачко.
На пример, читаш вест дека некоја жена пријавила семејно насилство. Засукуваш ракави и куцаш коментар искажувајќи го својот став дека „може ѝ мрдала опашката“, и со тоа се претставуваш пред светот како морална величина на која што или никогаш не ѝ мрдала опашката, или дека нема да дозволиш во твое присуство да мрда нечија опашка. Со тоа, и светот знае колку си ти личност за пример и ти чувствуваш задоволство.
(Реално, му кажуваш на светот дека си човечки еквивалент на кал под нокти, ама ти тоа никако да го разбереш, и мислиш дека е обратно, па затоа и се радуваш).
Вториот елемент е реакцијата на другите. Социјалните мрежи се изградени околу механизми на повратна информација - лајкови, споделувања, одговори. Ако негативниот коментар добие поддршка или внимание, мозокот повторно го активира истиот систем на награда. Во психологијата ова се објаснува преку принципот на варијабилен распоред на награда: луѓето не знаат кога точно ќе добијат реакција, па токму таа непредвидливост ги тера повторно да објавуваат.
(Значи, на коментарот од погоре со опашката си добил неколку лајкови, може и некој одговор со „arno im rece“, па сфаќаш дека има други како тебе и дека можете да си честитате на величината. Па следниот пат знаеш дека ако пак напишеш таков хејтерски коментар, пак ќе дојде друго дно како тебе и ќе те поддржи. Па продолжуваш.)
Притоа, гневот е емоција која го активира организмот - за разлика од тага или апатија, гневот создава енергија и чувство на моќ. Во дигитална средина, каде што луѓето не се соочуваат директно едни со други, таа енергија често се изразува преку зборови. Психолозите овој феномен го опишуваат како онлајн дезинхибициски ефект - тенденција луѓето на интернет да кажуваат работи што во живо веројатно не би ги кажале.
Покрај тоа, истражувањата покажуваат дека моралниот гнев има поголема шанса да се прошири на социјалните мрежи отколку неутралните пораки. Работата на психологот Вилијам Џ. Брејди укажува дека објавите кои содржат морална осуда почесто се споделуваат и добиваат повеќе реакции. Со текот на времето, корисниците учат дека поострите формулации носат повеќе внимание.
Сепак, научниците предупредуваат дека допаминот не е единственото објаснување. Негативните коментари можат да произлезат и од групна лојалност, политички ставови, чувство на неправда, па дури и едноставна досада. Интернет просторот само го засилува овој процес, затоа што нуди брза реакција и постојана публика.
Затоа многу истражувачи денес зборуваат за своевиден циклус: силна емоција води до коментар, коментарот носи внимание, вниманието создава чувство на награда, а наградата го поттикнува повторувањето на однесувањето. А, бидејќи живееме во општество, поточно во свет каде што вниманието е највредната валута, дури и негативните реакции можат да станат психолошки поттик.
На тој начин, агресивните коментари на интернет не се само прашање на лоши манири или анонимност, туку делумно и резултат на начинот на кој функционира човечкиот мозок. Кога на тоа ќе се додаде дизајнот на современите дигитални платформи и сè поголемото отсуство на емпатија кај луѓето, имаме рецепт за неверојатна токсичност.