Го прогласуваме мултитаскингот за умрено. Монотаскинг е на ред

Долго време, концептот на жонглирање со повеќе задачи одеднаш беше добро за во CV. На некој начин, колку повеќе топчиња фаќаш без да се збуниш, толку си појак пред друштво, колеги и надредени. Ова веќе не важи.

Можеби збрзнати од пандемијата, веќе се водат дискусии дека хасл културата и мултитаскингот веќе не се препорачливи. Уште поважно, истражувањата покажуваат дека мултитаскинг нè прави и помалку продуктивни, а монотаскинг е многу подобро за нашето здравје и продуктивност.

Едноставно кажано, мултитаскинг е кога се обидуваме да правиме повеќе од една работа истовремено. Проблемот е што мозокот не ни е спремен на овој начин на решавање на работите.

„Она што го правиме кога се обидуваме да завршиме повеќе работи од еднаш е ‘менување работи’“, вели Тачер Вајн, автор на The Twelve Monotasks: Do One Thing at a Time to Do Everything Better. „Тоа има своја цена. Ни го оптоварува мозокот и предизвикува значителна количина на стрес. Исто така, истражувања покажуваат дека така ни треба повеќе време и правиме повеќе грешки отколку кога би ги завршувале една по една.“

На пример, одговарање мејлови или пишување пораки додека сме на Зум може да предизвика да пропуштиме важни детали од состанокот, или да доведе до нејасна комуникација. Заради ова може и да потрошиме повеќе време, за да се дообјасниме, да разбереме или да поправиме нешто. Дури и работење на само две нешта може да предизвика когнитивен замор, па да прегориме побрзо и да бидеме помалку продуктивни во текот на денот.

Во некои случаи, мултитаскинот влијае на односите со луѓето. На пример, гледањето телевизија додека си на семејна вечера, или скролање по социјални мрежи кога си излезен со друштво значи пропуштање на совршени можности да се поврзеш со драги луѓе.

„Имаме ограничено време да го поминеме внимавајќи на нешто секој ден,“ вели д-р Дејвид Рабин, невронаучник и психијатар. „Ако го поминеме тоа драгоцено време внимавајќи на нешта што не ни се од никаква корист, тогаш го ограничуваме времето што ни останува да внимаваме на нешта што се обидуваме да ги завршиме и што ни се корисни.“

Има и знаци што покажуваат дека мултитаскингот работи против вас:

  • Се мачите да внимавате на моменталната задача
  • Подложни сте на одвлекување внимание
  • Често правите грешки или не ја разбирате задачата
  • Се чувствувате прегорено, особено како што одминува денот
  • Често заборавате детали од комункација
  • Комуникацијата со другите не ја чувствувате како доволно значајна
  • Другите често мораат да ви побараат да внимавате

Има и начини да се стане вешт монотаскер.

Не се раѓаме спремни за концентрација - се работи за научена вештина.

„Монотаскингот има врска со работење по едно нешто, со целосно внимание, негово завршување, па продолжување на нешто друго,“ вели Вајн. „Клучот е во тоа сосема да се фокусираш на тоа - на разговор, на работна задача, дури и на вежбање, или патување од едно место до друго - и да оддолееш на нагонот да се посветиш и на други нешта во исто време.“

Ова на почеток може да ви се чини туѓо, особено ако сте хронични мултитаскери, но треба време да се научи. Хирурзите се совршен пример - мора да бидат комплетно фокусирани со часови.

За подобрување на фокусот:

  • Исклучете ги нотификациите на телефонот, или ставете airplane mode.
  • Затворете го мејлот
  • Сменете го статусот на Слак и паузирајте нотификации и таму
  • Одредете време за длабоко фокусирање (ако треба и во календар)
  • Одредете временска граница на фокусирањето на една задача и работете тогаш
  • Идентификувајте што најчесто ви одвлекува внимание и отстранете го најпаметно што можете

Мускулот за монотаскинг се вежба и со медитација и внимателност, јога и намерно длабоко дишење. И се разбира, колку повеќе „монотаскувате“, толку сте поотпорни на дефокус од задачи, разговори и луѓе кои не го заслужуваат вашето внимание.

11 мај 2022 - 23:04