Генерација Икс на терапија: Од што најмногу се жалат?

Луѓето родени меѓу 1965 и 1980 година долго време важеа за генерација на самостојност, скептицизам и „ќе се снајдам“- став. За разлика од миленијалците и генерацијата З, на кои често им се дрдори за ментално здравје и терапија, многу припадници на Gen X растеа во време кога барањето психолошка помош не беше вообичаено и кога терапијата најчесто се доживуваше како последна опција, а не како начин за личен развој или превенција.

Ова постепено се менува - во 2018, 26% од луѓето што влегуваат во Генерација Икс изјавиле дека „имаат посетено терапија“, а бројката продолжила да расте во пандемијата. Терапевтите велат дека, откако еднаш ќе побараат помош, овие клиенти често се исклучително посветени и сакаат да разберат зошто функционираат на одреден начин.

Една од главните теми е хроничниот стрес и тешкотијата да се побара помош. Многу припадници на оваа генерација растеле во семејства со двајца вработени родители или со разведени родители, а дел биле и „деца со клуч на врат“, кои голем дел од времето го поминувале сами. Така развиле силна самостојност, но и навика проблемите да ги решаваат без поддршка. Во средната возраст, кога обврските се зголемуваат, оваа хипер-независност може да стане товар.

Потоа, според терапевтите, некои жени од генерација Икс, по децении поминати во преземање на најголемиот дел од менталниот и емоционалниот товар во семејството, почнуваат да се прашуваат дали навистина сакаат да продолжат така. Кај мажите, пак, се појавува потребата да ги преиспитаат традиционалните модели на молчење и емоционална дистанца.

Додајте на сето ова и прегорување (burnout): Во средна возраст, многумина истовремено се грижат за деца, за остарени родители, за кариера и за партнерски односи. Оваа „сендвич-генерација“ често се обидува да продолжи да функционира без да застане, иако резервите се при крај.

А сега додајте перименопауза и менопауза - жените на оваа возраст се веќе поспремни да побараат помош, затоа што овие состојби не се за ќутење, напротив.

Плус финансиска несигурност, затоа што истовремено издржуваат и деца и родители; и на крај - детство. Терапевтите забележуваат дека проблеми кои се појавуваат во четириесеттите и педесеттите години понекогаш имаат корени во раните искуства: разводи, емоционална недостапност, загуби и воспитување во култура која повеќе ја ценела издржливоста отколку ранливоста. Она што било потиснато во детството може подоцна да се појави во партнерските односи, родителството и начинот на кој човек реагира на конфликт.

На крај, можеби најточниот опис на Генерација Икс на терапија е дека имаме работа со луѓе што рано научиле да немаат потреба од никого и затоа за нив терапијата може да значи нешто повеќе од решавање конкретен проблем: првпат да добијат простор во кој не мораат постојано да бидат оние што „држат сè под контрола“.

18 август 2026 - 00:00