Dove го претвори мирисот на легендарниот сапун во парфем

Новиот Dove Original Fragrance е првиот парфем од овој тип на брендот, создаден како одговор на долгогодишните барања на потрошувачите. Од компанијата тврдат дека со години добивале писма од обожаватели и корисници со едно прашање: Зошто мирисот на сапунот да го нема во шише?

За развојот на парфемот соработувале со Ен Готлиб, едно од познатите имиња во парфемската индустрија, поврзано со мириси на Келвин Клајн, Диор и Марк Џејкобс. Задачата била да се зачува препознатливата свежина на оригиналниот производ, со неговите нежни, кремасти и цветни нијанси, но во формула што може да се носи на кожата во текот на денот.

Резултатот е парфем што се вклопува во сè попопуларната категорија clean fragrances - мириси што потсетуваат на чиста кожа, свежо испрана облека и сега-излезено-од-под-туш.

Амбалажата е исто јака - стакленото шишенце ја повторува заоблената форма на оригиналниот сапун, а капачето е украсено со златна скулптура на гулаб препознатлив од логото на брендот. Дури и цената е внимателно избрана: 19,57 долари, како потсетување на 1957 година, кога Original Beauty Bar првпат се појавил на американскиот пазар.

Парфемот ќе биде пуштен во продажба утре на 27 октомври 2026 година, преку специјализираната веб-страница на брендот, во ограничена количина и засега станува збор за еднократно издание, без најави за редовна продажба во парфимерии.

26 октомври 2026 - 11:27