Средувањето не е само до расчистување предмети; се работи за креирање на емотивен и ментален простор за радост, јасност и развој. Сепак, луѓето често знаат да западнат во сериозна самокритичност за време на овој процес, фокусирајќи се на она што требало да се направи поинаку, или се караат сами себе затоа што дозволиле да се натрупа.
Лесно е да се поверува дека средувањето сака совршенство - дека сè мора да се заврши за еден ден и да изгледа како да треба секој момент да ти дојде Architectural Digest на врата. А, не е совршенството целта - целта е да има напредок.
Денешниот чекор може ќе биде расчистување на една полица, или средување една фиока. Таквите мали победи се собираат со тек на време, се движат и градат самодоверба. Славете си го секој преземен чекор, колку и да е мал и отфрлете го притисокот да мора сè од старт да ви биде јасно.
Сè што ви е дома има приказна, па дел од средувањето треба да биде и забележување на тие приказни. И џемперот што не ви е точен и купот документи што го избегнувате со денови - сето тоа претставува момент од вашиот живот.
Наместо да се јадете со „како си дозволив“, размислете што намена имаат нештата што ги средувате. Дали се цели и надежи што некогаш сте ги имале за себе? Ако им посветите време, а притоа заклучите дека веќе не ја исполнуваат својата цел, можете да се ослободите од нив.
Средување на хаосот не се прави одеднаш и за еден ден - се работи за пракса на креирање и одржување простор за задоволство, за среќа - како ви одговара, така наречете го. За овој процес да биде одржлив, потребни се реалистични цели и имплементирање на системи со кои тоа би функционирало токму во вашиот живот. Може да е тоа еднаш месечно ден за reset, или воспоставување правило „едно внесуваш - едно фрлаш“. Овие навики помагаат да се расчисти хаосот од акумулирање, и тоа со почитување на напредокот што е постигнат.
Пред сè, дајте си дозвола да ги прифатите несовршеностите, да се радувате на процесот и да го препознаете секој чекор - колку и да е мал - како победа.
Ако прашате постар, ќе ви рече и да не филозофирате многу и да се фатите за работа затоа што и нема некоја посебна филозофија - растурено е, те мрзи, глупо ти е - ама не треба да биде растурено, те мрзи и сепак средуваш. Но, ако баш филозофирање ти помага да не почнат да те лазат бубачки - слободно.
И со лесно.