
Освен што им создава на новите млади носталгија по време што не го живееле, серијата Love Story и овде помага (одмага?): Керолин Бесет Кенеди заразно пуши цигари (дејството се одвива во ‘90-те), а зад кулиси и камери, цигари пуши Адисон Реј (не ја знаете, ТикТокерка е, ама децава ја знаат), цигари пуши и Џејми Кемпбел Бауер (Стрејнџер Тингс), Наталија Дајер и Чарли Хитон (исто), Бела Хадид, Кајли Џенер, Лили Роуз Деп, Дуа Липа, Селена Гомез... Слика со цигара има Џенифер Анистон, Бен Афлек, Џена Ортега, Дакота Џонсон...
Медиумите се одлучуваат дури и за ризични наслови од типот „Smoking is cool again!“ и поднаслови „Еве што треба да знаете...“
А реално, она што треба да го знаете е дека пушењето е доста глупа навика што создава ропство и дека нема потреба. Од друга страна, алкохолот е бетер, ама никој не падавичари за него, напротив - сè уште се дозволени реклами за алкохолни пијалаци и се романтизира начукување.
Како и да е, далеку сме од конечно искоренување на цигарите како задоволство. Не сме ни стигнати до некое доволно влијателно демонизирање. Ама, толку ли е тешко да се бираат места каде што не се пуши и да се остават пушачите на раат?
И дали се ближи крајот на периодот кога на маса имаше повеќе непушачи од пушачи - нешто што не сме го виделе 15-20 години?
Патем, на Инста има нешто што се вика @cigfluencers, и наскоро ќе полни 100.000 следачи.