Деца бараат да ги викаат Аксел, се претставуваат како Аксел, бираат облека како Аксел, сакаат роденденот да им биде на тема - Аксел.
Аксел е инаку ѕвездата на Јутјуб-каналот „Аксел Шоу“ каде што едно дете и татко му, Патрик Саут, ги споделуваат нивните секојдневни доживувања. Од Лего-камиончиња, до битки со нерф-пушки во двор, до објавување на бременост од родителите - сè се споделува со над 1.37 милиони следачи, а имаат добиено и стриминг договор со Амазон.
Коментарите откриваат дека некои од малите гледачи го доживуваат каналот како многу повеќе од забава. Девојчиња сакаат во секој дел од денот да бидат како Аксел, мајки споделуваат дека Саут е „одлична татковска фигура“ за децата што растат само со нив, без татковците.
Како и возрасните, децата се способни за парасоцијални врски - да се чувствуваат блиски за некој што го немаат запознаено. Тоа е особено точно кога, за разлика од измислен лик како Пепа Пиг, објектот е реално дете, како Аксел, Рајан од „Рајанс Ворлд“ или други популарни Јутјубери. Прашањето е дали родителите треба да внимаваат на децата фиксирани на деца-забавувачи, кога ги гледаат како блиски на себе, па дури и како другарчиња?
Самите парасоцијални врски не се проблем, но децата знаат да станат љубоморни, или да го посакуваат светот што го гледаат. Можат да бараат да одат на гости кај детето што го гледаат, да прашуваат зошто не сте како неговите родители - Јутјуб-личностите знаат да бидат многу убедливи кога се работи за трошење или за социјално однесување без контекст. На крај, децата можат да добијат извртена слика за она што значи да си успешен, филантропски настроен, или едноставно - добар пријател.
Кога детето е емотивно поврзано со личност од интернет, може да прифаќа сè што таа личност прави - дури и кога е однесување што на родителот може да не му се допадне. Децата мораат да бидат нонстоп потсетувани дека Јутјуб не е вистински, дури и ако така изгледа, и само затоа што Рајан прска шлаг на масата или сака играчка, не значи дека е тоа во ред за сите деца.
На што да се внимава?
Има неколку знаци на предупредување дека парасоцијалната врска станува нездрава. Таков знак е кога детето следи инфлуенсер интензивно и запоставува други начини на забава и активности. Родителите можат да забележат и дека нивното дете е претерано инвестирано во Јутјуберот ако се фиксира на производите што ги промовира, или копира одредени однесувања. Уште една причина за тревога е ако имаат екстремна емотивна реакција на животните настани на некој инфлуенсер. Сите плачеме на жални приканзи, но децата не треба да бидат загрижени за инфлуенсерот во моменти кога не го гледаат.
Исто така, осамено дете може да побара утеха во парасоцијална врска, што е момент кога е важно родителите да се вклучат и да го решат коренот на проблемот. Запрашајте се дали тој „однос“ ги заменува реалните односи? Дали детето не е способно да се справи со деца што не се согласуваат со него? Дали не знае да соработува? Во таков случај, можеби детето бира да се „спријателува“ со некој што не може да го предизвика.
Кога треба да се прекине?
Сè додека детето може да создава односи со луѓе во реалниот живот, во школо, или во маало, парасоцијална врска со интернет-ѕвезда не е проблем. Дури и да не е така, не значи дека мора да се забрани шоуто, туку треба да се разговара и да се копа подлабоко. Прашајте го зошто го сака, кои карактеристики му ги сака (и може да се научи од нив), а кои не (и треба да се избегнуваат)?
Да се забрани тоа што го гледаат може да биде измачување, па затоа треба да се вложи време во постепен пристап - намалете го времето одвоено за гледање, додадете други активности за да се пополни тоа време. Загубата на инфлуенсерот што се смета за пријател може да биде длабока, но ако кажете „Ајде во парк, да си играш со другарчиња“, тогаш ја менувате шемата на однесување кон нешто позитивно.